Тешкоповредниот Христијан Пендиков од Охрид е на интензивна нега на ВМА во Софија и неговата состојба е умерена, јави bTV.

Неговата операција е закажана во понеделник, а според бугарските медиуми Пендиков има скршени ребра, скршена вилица и напукнат вратен пршлен.

Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во градот и тој вчера со бугарскиот владин авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија.

Денеска напладне во Софија, пред зградата на Европската комисија (ул. Раковска 124) се одржа протест под мотото „Правда за христијанинот од Охрид! НЕ за дискриминацијата на Бугарите“.

Инцидентот во Охрид утре ќе биде тема на разговор меѓу македонскиот и бугарскиот шеф на дипломатијата. Османи и Милков на средба во Софија ќе разговараат и другите инцидентите кои ги провоцираат националните страсти кај двата народи, како на пример неодамнешната панихида за Мара Бунева во Скопје на која присуствуаат бугарските националисти Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов од „Преродба“.