Не сум чудотворец, но јас ќе се обидам со својот кредибилитет, исто како Денко Малески и Љубчо Георгиевски што го имам во Софија, да ја вратиме довербата меѓу двете држави, изјави денеска експремиерот и екслидер на СДСМ, Владо Бучковски.

Тој на денешната седница на Владата е назначен за специјален претставник за односите со Бугарија, а во изјава за порталот СДК вели дека ќе работи „да се врати изгубената доверба меѓу РС Македонија и Република Бугарија“.

– Не сум чудотворец и нечиј скриен ас во ракавот, јас ќе се обидам со својот кредибилитет, што исто како Денко Малески и Љубчо Георгиевски го имам во Софија, да ја вратиме довербата меѓу двете држави. Ако не успееме до деветти декември да се договориме, ќе се бориме по деветти да најдеме решение за проблемите, зашто очигледно Бугарија е таа што треба да ја отвори портата кон Европа. Но сакам да истакнам, ние имаме изградено став кон билатералните прашања со соседот и доследно ќе го почитуваме. Договорот за пријателство и добрососедство е единствената шанса да не се вратиме назад во историјата. Република Бугарија треба да покаже поголемо разбирање за тоа што сме го направиле изминатите две години. Тоа што го направи Македонија за две години е еднакво на тоа што е направено за 60 години. Јас ќе барам Софија да ни даде шанса, изјави Бучковски.

Тој од утре почнува со активности на новата функција.