Во програмата „Зборувај сега“ на БНТ, поранешниот преговарач на македонската Влада Владо Бучковски коментира дека сè уште верува дека клучот за напредок меѓу Бугарија и Македонија е договорот од 2017 година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Бучковски, изјаснувањето на претходниот бугарски парламент предизвикало проблеми во односите меѓу двете земји, од друга страна, Бугарија смета дека Македонија не го исполнува договорот. Но, Скопје смета дека декларацијата не може да има поголема вредност од договорот, бидејќи е ратификувана од парламентите на двете земји.
Во однос на инфраструктурата, според Бучковски, Скопје има направено двојно повеќе од Софија, давајќи пример со финансирањето на пругата до Крива Паланка за која се обезбедени 400 милиони евра. Потоа, за 45 минути помалку патување од Скопје до Софија по патот од Ранковце до Крива Паланка, а делот од Крива Паланка до Деве Баир ќе биде готов до крајот на 2022 година. Истовремено, вели тој, треба да се направи поврзување и со автопат до Штип, кој преку Делчево и Благоеврад треба да има врска со Бугарија.
Според него, ниту еден од македонските Бугари не му сигнализирал на Народниот правобранител на Македонија или на Комисијата за дискриминација дека неговите права се ограничени на национална основа. За да се смени Уставот на Македонија и во него да се вклучат Бугарите, појаснува дека мора да има 2/3 или 81 пратеник. Опозицијата во македонскиот парламент, претставувана од ВМРО-ДПМНЕ, се противи на ова да се случи, но истовремено сигнализира дека сака реципроцитет и покрај тоа што бугарскиот Устав нема таков елемент. Прашањето за човековите права и заедничката историја што ги обединува народите преку заеднички личности ќе мора да се продолжи, бидејќи тоа е напишано во Договорот.
Бучковски во интервјуто им се обрати на бугарските граѓани, прашувајќи ги каков е ефектот од блокадата на Македонија и дали Бугарија ја постигнала целта или го зголемила нивото на говор на омраза, а одговорот според него бил вториот.
– Решението е во Договорот, двете влади мора да ја вратат довербата. Проблемот беше што во Бугарија немаше влада осум месеци, додаде Бучковски, што според него влијаело и на севкупната динамика на барање решение за проблемот.
За поранешниот македонски преговарач клучно е прашањето, зошто блокадата дојде од бугарска страна, што била голема енигма за него.