Земјите-членки на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за општи работи (ГАК) не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава.
Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство од компромисот постигнат во делот на проширувањето, кој потпретседателката на Еврокомисија, Вера Јоурова го оцени како „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“.
Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан изјави дека состанокот на ГАК бил успешен и е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“ на ЕУ.
– Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех. Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година“ не се појавува повеќе во заклучоците, изјави синоќа Довжан по завршувањето на седницата на ГАК.
Во заклучоците е отстранета експлицитната референца што ги поврзува процесот на проширување за Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, како што објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката. Според нив, ако Македонија дојде до чекор на усвојување на таа преговарачка рамка, останува прашањето како ќе се води дипломатска битка на тој терен за да не се дозволи процесот на преговори да биде заробен од билатералниот спор помеѓу Скопје и Софија.
Во пресрет на вчерашното заседание на Советот за општи работи, премиерот Зоран Заев во телефонски разговор му го честиташе изборот на Кирил Петков за претседател на Владата на Бугарија, при што двајцата се согласиле да продолжат да работат на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Македонија.
Во разговорот е изразена подготвеност да се забрза комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.
– Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина, наведе Заев на Фејсбук.
Петков во интервју за „Фајненшл тајмс“, дадено пред неговиот избор за премиер, најави нов пристап кон земјава, што според лондонскиот весник претставува сигнал дека „Софија ќе стави крај на опструкциите за почеток на преговори на Македонија со ЕУ“.
– Ние сме сто проценти за политиката на НАТО и ЕУ. Ќе предложиме нов пристап за С. Македонија и тоа треба да се направи брзо, за краток временски период, не повеќе од шест месеци, изјави Петков во интервјуто.
Петков вели неговата Влада ќе постави нова основа за разговори со Македонија, преку работни групи „со цел да се најдат решенија за прашања како што се заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата“.
Меѓутоа, бугарските медиуми вчера објавија дека во делот за надворешна политика од коалицискиот договор на партиите што го сочинуваат новото владино мнозинство во Бугарија се посочува оти новата Влада „ќе ја задржи единствената позиција кон С. Македонија“, а односите ќе се надградуваат „во конструктивен дух“ во неколку чекори.
Првиот чекор е да се активира работата на билатералните комисии предвидени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка преку календар на месечни состаноци. Натаму се предвидува формирање деловни комисии, засилена соработка во областа на транспортот, меѓу кои се директното воздушно поврзување Софија – Скопје, изградба на Коридорот 8, финансиската поддршка за железничкото поврзување, како и интензивирање на соработката во областа на науката и културата.
Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски во однос на предлогот на Петков за забрзување на билатералната комуникација и соработката низ повеќе работни групи оцени дека на средби на овие групи на кои теми би биле инфраструктурата, економијата, културата, образованието… ќе може да покажеме дека ние и во изминатиот период имаме направено сериозни подготовки.
– Во инфраструктура имаме направено многу повеќе од Бугарија. Факт е дека нашиот директор на Македонски железници, Хари Локвенец имаше неколку средби со нивниот директор Папуџиски, каде што дефинира динамика во која конечно ќе се гради пругата меѓу Бугарија и Македонија. Тоа ќе биде еден од најголемите инфраструктурни проекти кој ќе чини 650 милиони евра кој треба да заврши во следните шест години. Од друга страна факт е дека ние го правиме експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Факт е дека подолго време, веќе две децении ги чекаме да ги изградат фамозните 12-15 километри и да го отвориме фамозниот граничен премин Клепало, кој што би ги поврзал Берово и Струмјани. За културата имаме многу што да збориме. Во делот на економијата треба да се види зошто не се реализирани проекциите, рече Бучковски во гостување во Дневникот на Сител.
Тој нагласи дека сега се соочуваме со нов предизвик, односно дека мора да се води битка за час поскоро да ги финализираме преговорите, оценувајќи дека и кај нас и кај Бугарите недостасува довербата.
– Тоа е главниот проблем ако ја читате и претпочитате нивната фамозна декларација која ни создава сериозни проблеми во изминатите две години. Ние тврдиме дека со таа декларација западнавме во овој ќор сокак од кој не може да излеземе. Тие тврдат дека тоа било провоцирано од наша страна заради тоа што Историската комисија не работела според нивните очекувања, изјави Бучковски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во синоќешното гостување на МРТ оцени дека со соседите треба да имаме отворени и добри односи, но секако бараме и реципроцитет, додавајќи дека ако Бугарите бараат промена на нашиот Устав, тогаш и тие да го направат тоа.
Според него, радикалните структури на политичката сцена во Бугарија го користат и го злоупотребуваат национализмот, користејќи негативна и на моменти хегемонистичка реторика кон земјава.
– За љубов се потребни двајца. Ако ние наидеме на почитување, тие ќе го заслужат и нашето почитување. Но, ако ние не наидеме на почитување, дека јас не сум постоел пред определен временски период или сум постоел или сум говорел друг јазик, или сака да ја поништи мојата култура, традиција, обичаи кои што баба на внук ги пренесувала векови наназад, тоа не е баш добрососедско однесување, рече Мицкоски.
Тој посочи дека тоа не е добрососедство и добрососедско однесување, туку необјективно однесување на сосед кон сосед и тогаш ние се повикуваме на правото на реципроцитет.
– Нема никаков проблем, оние граѓани кои што се чувствуваат како Бугари да бидат дел од Уставот, тогаш ние имаме право да бараме Македонците во Бугарија да го добијат она кое што им припаѓа и кое што им е досудено од Судот за човекови права во Стразбур и каде што е донесена резолуција од страна на европскиот Парламент дека тие може да си имаат своја засебна култура, свои засебни обичаи и тоа да го презентираат и да бидат дел од бугарскиот Устав. Ако тие бараат да го смениме нашиот, нека се потрудат и тие да го сменат нивниот. Тоа е суштината на реципроцитет, изјави Мицкоски.
Поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо пак оцени дека ЕУ не може да се откаже од земји кои вложиле напори и да им каже „имавте проблем со Грција, а сега и со Бугарија“. – На Скопје треба да му се даде сигнал и да ги почне преговорите со ЕУ, наведе Лоазо во изјава за Бугарското национално радио (БНР), во пресрет на француското претседавање со Унијата во првите шест месеци од идната година.
– Никој не вели дека утре, во 2022 година, С. Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме – да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес, изјави Лоазо, која е членка на партијата Република во движење на францускиот претседател Емануел Макрон.
Запрашана дали постои француска иницијатива за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, Лоазо не дава директен одговор.
– Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со С. Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија’. Тоа ќе создаде непријателство кон Европската унија во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму, истакнува Лоазо.