Пратениците во Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 54. седница треба да ја почнат расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година.
Вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава, а вкупните расходи се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. За капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со Предлог-буџетот за 2022 година се обезбедува непречено функционирање на функциите во државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив развој.
По расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде беше завршена и амандманската расправа, Предлог-буџетот беше вратен повторно во Владата која прифати 23 амандмани во вкупен износ од 382 милиони денари.
Дополнително, на предлог на Министерството за финансии прифатени се и следните дополнувања на Буџетот за следната година – зголемување на средствата во МИОА во износ од 250 милиони денари за реализација на програмските активности на Македонската радио телевизија, зголемување на средствата на Уставниот суд во износ од еден милион денари за избор на нови уставни судии, зголемување на средствата во финаиската полиција во однос од еден милион денари за набавка на возило.
Согласно законот, Предлог-буџетот треба да биде усвоен до 31 декември.
И други точки на собраниската седница
Пред пратениците е и предлогот за избор на заменици на народниот правобранител, предлог законите за изменување и дополнување на Законот за прометот на експлозивни материи, на Законот за следење на комуникациите, на Законот за заштита од експлозивни материи, како и на Законот за странци, сите во второ читање.
На дневниот ред на оваа седница е и Предлог -законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, во второ читање.
Меѓу другите точки на агендата е и дополнетиот Предлог-зкаон за изменување на Законот за полиција, како и Предлог-законот за медијација, во второ читање.