Амбасадорката на Русија во Бугарија, Елеонора Митрофанова, ќе биде повикана на разговор во Министерството за надворешни работи поради потерницата на Москва за бугарскиот истражувачки новинар од веб-страницата „Белингкет“ Христо Грозев, соопшти прес-центарот на Министерството.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според бугарското Министерство, ова е во врска со најавената федерална потерница по бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев од страна на руското Министерство за внатрешни работи. Средбата ќе се одржи на првиот работен ден по божиќните празници, в четврток.

Покрај случајот Грозев, на средбата ќе се разговара и за забраната за изучување на бугарскиот јазик во окупираните региони на Украина од страна на Руската Федерација, како и за отстранување на портретите на бугарските историски личности.

Главниот обвинител на Бугарија Ван Гешев реагираше на постапките на руските власти кон Грозев со објава на „Твитер“ во која рече дека Бугарија ги почитува основните европски вредности како што се владеењето на правото и човековите права. И тоа исклучува политички мотивирано гонење на истражувачки новинари за нивната работа во интерес на демократијата. ГЕРБ, Движењето за права и слободи побараа руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, да биде повикана во бугарското МНР и да даде објаснување. А, Даниел Лаурер од „Продолжуваме со промената“ побара министерот за надворешни работи Николај Милков да биде сослушан од собраниската Комисија за надворешна политика на 48. Народно собрание.