Во оние дваесеттина години меѓу двете светски војни, односите на Кралството на СХС, односно Југославија и Бугарија минувале низ неколку различни фази, движејќи се од степен на усвитеност, што безмалу водело до избувнување војна, па се до некакви пријателски и нормални добрососедски односи. Ваквото постојано менување на интензитетот во односите меѓу двете земји во најголем дел бил поврзан со Македонија, односно со отстранувањето од меѓународната сцена на сите можни решенија за нејзиниот статус.
Во целиот тој период меѓу двете светски војни, сите влади во Белград и Софија, а се разбира и во Атина, создавале државни планови и стратегии околу македонското прашање, обидувајќи се засекогаш да го симнат од дневен ред. Се разбира дека немале намера да го решат македонското прашање туку само да го употребат за свои цели.
Оттука кралството СХС, во кое доминантана улога имала Србија, од една, и Бугарија од друга страна, постојано настојувале да придобијат одредени кругови од редовите на организиранато македонско ослободително и револуционерно движење. Српските и бугарските државни структури почувствувале дека можат да ја искористат длабоката поделеност и безидејност кај различните македонски организации, и нивното влијание меѓу македонскиот народ да го претворат во оружје за реализирање на плановите за дефинитивна поделба и бришење на Македонија од картата на светот.
Македонското револуционерно движење во служба на Софија и Белград!
По Првата светска војна, односно по новата, потврдена поделба на Македонија, соседните земји со разни притисоци врз организации и поединци во македонското движење успеале да постигнат свесно или не да се стават на распсолагање за остварување на српската односно бугарската кауза во Македонија. Сите соседни најголем интерес за свое влијание покажале во однос на неколку македонски организации, пред се, на автономистичката ВМРО, МЕФО и подоцна ВМРО (об), за кои сметале дека можат да им послужат за остварување на нивните планови за дефинитивно уништување на Македонија. Затоа во овие организации се случувале и најголеми поделби кои биле резултат на српското и бугарското мешање во нивните внатрешни работи.
Според истражувањето на проф. д-р Никола Жежов во архивите на српските служби, македонското прашање било постојано присутно во тајната дипломатија на соседните земји, иако нејзиниот интензитет зависел од општествено-политичките услови во државите во различен временски период. Во почетокот на триесетите години, на пример, почнало да се чувствува одредено „затоплување“ во југоловенско-бугарските односи, всушност попуштање од двете страни околу крајно спротивставените ставови во однос на македонското прашање.
Од друга страна, таквата политика веднаш се одразувала врз односот на македонските емигратски организации, пред се ВМРО и бугарската власт. Таквиот развој на настаните го потврдил и бугарскиот министер за внатрешни работи Атанас Буров, кој според весниците на македонската емиграција во Бугарија стоел зад многубројните апсења на Македонците во тој период.
Атанас БУРОВ
Министерот Буров на таквите обвинувања одговорил со тврдење дека „вие сте Македонци, тоа никој не ви го одрекува, но додека сте на бугарска земја, додека уживате во братското гостопримство во Бугарија, не ви е дозволено да водите борба, затоа што се загрозуваат интересите на бугарската држава“.
Од друга страна, Кралството Југославија, односно Србија, во годините пред Втората светска војна особено била заинтересирана конечно да се реши македонското прашање во корист на српската кауза. За таа цел српските државно-политички фактори се обидувале да му дадат бугарски белег и ревизионистички карактер на севкупното македонско револуционерно движење.
Кој ја формирал софиската фабрика за дрога „Балкан продуктс и Комп. Лимитед“?
Се разбира дека најголемо внимание и најмногу анализа биле посветени на организацијата ВМРО, при што за таа цел од српска страна биле искористени поранешни учесници во македонското национал-ослободително движење, во тој момент блиски до властите во Белград.
Така, Кирил Караџиќ од Штип, студент во Загреб, преку статии во весникот „Политика“ се осврнал на неговата нелегална дејност во ВМРО, која подоцна, поради лично разаочарување, како што вели, ја напуштил. Според него по балканските војни престанале причините за постоење на ВМРО па таа, според него, веќе не постои како македонска револуционерна организација, туку само како скриена бугарска организација.
Според Караџиќ,односно Караџов или Караџовски, сега тоа не е ВМРО, не е македонска организација, бидејќи нејзините членови се делумно Бугари, а делумно бугаризирани Македонци, кои одамна немаат ништо заедничко со својата земја. Освен тоа, пишува тој, ВМРО веќе не е ни „внатрешна“ бидејќи работи само надвор од границите на Македонија, во Бугарија, а не е ни револуционерна, бидејќи е во служба на државните интереси на Бугарија, па дури и се издржува од бугарски реваншистички кругови, и затоа има за цел постојано да предизвикува безредија против постоечката положба на Балканот.
И кај Владата во Белград постоел интерес да се дојде до информации за изворите на финансирање на ВМРО, па според тврдењата, односно според сознанијата на југословенската делегација во Друштвото на народите, поради големата криза што ја зафатила Бугарија во тој период, македонските емигрантски организации се снаоѓале на различни начини. Таквите околности ја принудиле ВМРО да започне со „шпекулативни работи за нејзино финансирање“ при што, според истите извори, „во Софија била формирана фабрика за производство и продажбана на опојни дроги“, а најголем удел во основањето на фабриката имала ВМРО, преку нејзината финансиска експозитура – „Македонска банка“.
Според југословенските дипломати, претпријатието било регистрирано под името „Балкан продуктс и Комп. Лимитед“, а било формирано со капитал во износ од два милиона лева. Од вкупниот број акции, 30 отсто биле во рацете на Методи Лазов, шура на генералот Бакарџиев, тогашен началник на бугарскиот Генералштаб, 10 отсто држел некојси Александар Анчев а останати акции ги поседувала ВМРО преку вице-директорот на „Македонска банка“, извесен Табаков.
Според југословенската тајна дипломатија, за потребите на производството на опојни дроги, фабриката ангажирала двајца стручњаци-хемичари од Чехословачка, Здене Кенинг и Ханс Дункер, заедно со уште 20 работници. Во фабриката веднаш се започнало со приозводство на хероин, а од таа дрога, Кениг, еден од главните „мајстори“, скришум од Ванчо Михајлов, за своја лична корист, почнал да продава во европските држави, но набрзо бил откриен.
Имено, од страна на Методи Лазов, кој покрај ВМРО бил најголем акционер во фабриката за дрога, чехословачкиот хемичар добил закана дека поради таквата негова активност ќе биде убиен на „македонски начин“. Исплашен од можната казна од ВМРО, која поседувала 52 осто од акциите во фабриката „Балкан продуктс и Комп. Лимитед“, Кениг успеал да го реши проблемот со својот пасош и да побегне од Бугарија.
Блаже Миневски