Подготвени се финалните текстови од коалицискиот договор за формирање на новата бугарска Влада, јавува дописникот на МИА од Софија, откако на лидерската средба меѓу четирите партии „Промените продолжуваат“, Бугарската социјалистичка партија, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија, сè расчисти законодавната програма.
Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува за првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем, по падот на комунистичкиот диктатор Тодор Живков.
До крајот на денот се очекува договор за коалиција.
Извршното биро на БСП денеска ќе одржи состанок за усвојување на коалицискиот договор за формирање на новата бугарска Влада.
Според досегашната верзија на договорот, идната влада ќе има четворица вицепремиери, а партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14 ноември „Промените продолжуваат“. Таа ќе има и двајца вицепремиери кои ќе бидат нејзини министри за финансии и ефикасно владеење. „Промените продолжуваат“ ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.
БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.
Партијата „Има таков народ“ ќе има министри за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.
„Демократска Бугарија“ ќе раководат со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.
Лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов ќе го потпишат заедничкиот коалициски договор за новата бугарска Влада.
Претседателот на Бугарија Румен Радев идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на „Промените продолжуваат “ Кирил Петков и Асен Василев, а тие имаат рок од една недела од моментот на добивање на мандатот да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри.