Повеќе од 20.000 полицајци во Бугарија ќе бидат ангажирани на денот на парламентарните избори, што се одржуваат на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија.
– Министерството за внатрешни работи формира специјален меѓусекторски штаб за борба против трговијата со гласови. Во него ќе учествуваат претставници на Обвинителството, полицијата и Државната агенција за национална безбедност (САНС), изјави за БТВ генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Ивајло Иванов.
Според него, сепак, трговијата со гласови е кривично дело што тешко се докажува.
Иванов појасни дека во моментот нема специфични сигнали за купување гласови, но има информации за можно извршување на вакви кривични дела.
Тој потсети дека голем број луѓе биле осудени и ги издржале казните поради купување на гласови на претходните избори во Бугарија.
– Со оглед на проценките што ги направивме и со оглед на искуството од претходните избори, бројот на ангажирани лица ќе биде над 20.000. Јас не зборувам само за денот на изборите, туку и воопшто, за обезбедување на изборниот процес, додаде Иванов.
Тој објасни дека покрај униформирана полиција ќе бидат ангажирани и оперативци на терен и припадници на одделенијата за издавање на лични документи.
– Покрај тоа што изборите мора да поминат мирно и без инциденти, изборите мора да бидат и безбедни – без редици и гужви пред гласачките кутии, заклучи Ивајло Иванов.