Ширум Бугарија продолжија протестите против превисоките цени на горивото, зголемените трошоци за живот, сиромаштијата и корупцијата.
На плоштадот во центарот на Софија се собраа повеќе илјади луѓе. Демонстрантите извикуваа „оставки“ и „референдум“, носеа бугарски знамиња и транспаренти на кои пишува „Народот против партиите“ и „Мораме да ги спречиме демографскиот колапс и геноцид во Бугарија“.
Организатор на протестите е граѓанскиот форум „Промена“ под мотото „Да го промениме системот“.
Во Софија пристигнаа и луѓе од западниот дел на земјата, кои се пожалија дека полицијата им го попречила патот до главниот град.
Собири се одржаа во уште 18 бугарски градови, а демонстрантите блокираа одделни патишта и гранични премини.
Медиумите објавија дека се блокирани премините со Турција, Романија и Србија, па поради тоа биле создадени километарски колони од возила.