Турција е важен стратешки партнер на ЕУ, но треба да се биде искрен во врска со нејзиното членство во Унијата, изјави бугарската министерка задолжена за претседавањето на Бугарија со ЕУ, Лилјана Павлова.
– Турција е наш стратешки партнер, значаен партнер во врска со безбедноста и миграцијата. Турција ја поддржа ЕУ во врска со прашањето за илегалната миграција и без неа не би имале за 95 отсто помалку илегални мигранти, нагласи Павлова во обраќање на панелот „Проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан“ во рамки на Седмиот самит за Југоисточна Европа, што во организација на магазинот „Економист“ се одржува во Белград.
Меѓутоа, според Павлова, кога станува збор за проширувањето на ЕУ и членството на Турција во Унијата, тоа е сосема друго прашање.
– Турција треба самата да реши дали сака да продолжи по патот кон ЕУ, бидејќи станува збор за почитување на вредности, нагласи Павлова.
Секретарот за меѓународни односи на најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, од своја страна, укажа дека ЕУ и Турција веќе имаат воспоставено партнерски односи и дека треба да се работи на зајакнување на меѓусебните економски врски.
– Турција станува се понепредвидлива. Тоа е нова состојба. ЕУ и Турција мораат отворено и искрено да утврдат што се случува и кој што сака, порача Кумуцакос.
Модераторот на панелот Џон Ендрус, пак, оцени дека во ЕУ постои противење на членствто на Турција, посочувајќи ја како пример изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со ова прашање.