Бугарската аналитичарка за меѓународна политика Зорница Илиева оценува дека „Македонија нема да избегне федерализација дури и да влезе во Европската унија“, бидејќи, според неа, тоа е единственото преостанато клучно прашање за Албанците во земјата.
– По Охридскиот договор, Албанците не само што добија права, туку пред нив остана само уште едно прашање – федерализацијата на РСМ. Тоа е големата грижа на Македонците. Тие се надеваат дека со нивниот влез во ЕУ тоа нема да се случи. Не, тоа ќе се случи, бидејќи најголем интегративен потенцијал на Балканот има кај албанскиот етнос, без разлика дали е во Албанија, Косово или во Македонија. Сите одлуки во Македонија се носат не само со учеството на албанските партии, туку и врз основа на тоа што ќе кажат тие. Без нив не може да има влада, без нив не може да се донесе никаква одлука. Тие се во локалната власта. Во тетовска, западна Македонија православни повеќе не живеат и Тирана врши директно влијание врз РСМ. Тоа е факт, вели аналитичарката Илиева за бугарската телевизија Поглед.
Таа натаму дополнува:
– Многу пати сум одела во тетовска Македонија, на Универзитетот во Тетово, кој си е и албански, со албански знамиња и каде што се зборува само на албански, не многу одамна во разговори со луѓето таму ми рекоа: ‘Доста се расправате со тие Македонци, дајте да си ја поделиме Македонија и прашањето ќе биде завршено’. Разбирате ли вие за какви расположенија стануваше збор пред десетина години? Тие постојат секогаш и дури имаше изјави: ‘Ако не се разбереме со вас, дури до Куманово ќе стигнеме’. Тоа не е само етнос што се развива, кој има многу силен наталитет, тоа се луѓе на кои САД и англосаксонските сили се потпираат во своите стратегии, влијанија и улоги на Балканот, вели поранешната соработничка на Комисијата за надворешна политика, одбрана и безбедност на Народното собрание на Бугарија.