Еврејската организација на Бугарија „Шалом“ издаде декларација против лидерот на АБВ, за која се смета дека е проруска партија, Румен Петков, јави дописникот на МИА од Софија.

Причина за тоа беше што Петков се појави во ТВ емисија со жолт беџ на кој пишуваше „невакциниран“.

Според организацијата „Шалом“, тоа е потсетување на жолтите ѕвезди кои Евреите биле принудени да ги носат за време на Втората светска војна.

Во декларацијата се наведува дека е срамно за бугарски политичар и поранешен министер да користи симболи од периодот на Холокаустот за да ги зајакне своите тврдења и тези.

Секоја неумесна споредба на сегашноста со тешките години на војната ги омаловажува страдањата кои ги претрпеа жртвите на Холокаустот. „Шалом“ ги повика бугарските политичари и јавни личности да ги одмерат и земат предвид своите зборови и постапки кога говорат за мрачните години од периодот на Втората светска војна.