Политикологот Димитар Ганев од агенцијата Тренд за Нова ТВ коментира дека една од опциите по предвремените парламентарни избори да се создаде надпартиска влада во Бугарија. Тој смета дека Бојко Борисов нема да формира влада по секоја цена и сите партии ќе си прават калкулации за локалните избори во Бугарија, кои ќе се одржат за една година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Ганев, доколку Бугарија повторно излезе на избори во јануари, резултатите нема да бидат многу различни и истите политичари ќе мора заедно да седнат на преговарачка маса.
Според социологот Андреј Рајчев, ГЕРБ не може, а да не се обиде да формира коалиција. Со овој резултат и недоволното мнозинство за самостојна изборна победа, тој не може, а да не се обиде да формира влада, бидејќи ќе се изложи пред своите гласачи. Рајчев вели дека коалиција не е можна без Движењето за права и слободи, бидејќи тие имаат сериозен резултат. Според Рајчев, кон ГЕРБ може да се приклучи и партијата на Стефан Јанев „Бугарски подем“. Тој не ја исклучува можноста и бугарските социјалисти да влчезат во евентуалната владина коалиција.
Според него, лидерот на ГЕРБ ќе бара поширока поддршка, со откажување од премиерската функција и предлагање привремена влада.
Рајчев смета дека клучот за формирање на идната власта е во џебот на лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов и под кои услови би ја поддржале владата.
Најверојатно ГЕРБ ќе формира малцинска влада во Бугарија, која ќе се потпира на поддршката на Народното собрание во период од една година, до локалните избори во есента 2023 година, за да се избегнат нови избори во јануари, коментира Рајчев.