Христијан Мицкоски е премиерот кој за првпат го интернационализираше прашањето за Македонците пред ЕУ, сметаат бугарски аналитичари.
-Мицкоски што ѝ кажа на Урсула фон дер Лајен? Дека треба да го признае македонското малцинство во Бугарија. Знаете што кажала Урсула фон дер Лајен? Молчела, ништо не кажала, нема реакција. За првпат Македонија е европеизирана, велат аналитичари од Бугарија.
Премиерот Мицкоски неодамна при работната посета во Брисел побара да не се додаваат зачини во процесот за евроинтеграции. Кажа дека регионот и државата се уморни од пречки кои се билатерални.
Во неодамнешната работна посета на Брисел, заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан, Мицкоски присуствуваше на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија(ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Премиерот објасни дека во фокусот на агендата на работниот ручек бил Планот за раст на Западниот Балкан на Европската комисија.
„Подвлеков дека регионот и државата се уморни од ставање на страна и пречки кои се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата и дека мора да се направат поголеми напори за внесување доверба и кредибилност на целиот процес“, потенцира Мицкоски.
Премиерот натаму нагласи дека ја повторил и нашата заложба за остварување на стратешката цел – членство во Унијата и напредок базиран на реални и одржливи критериуми.
На работниот ручек со Фон дер Лајен, покрај Мицкоски присуствуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи по европскиот пат.
Инаку, премиерот Мицкоски пред неколку месеци во Владата ја прими претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која беше во официјална посета на Македонија во рамки на турнејата низ шесте земји од Западен Балкан.
-Остануваме посветени на патот кон полноправно членство во ЕУ, но очекуваме ЕУ да ги уважи легитимните барања на граѓаните дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во спротивност на вредностите на ЕУ, рече тогаш Мицкоски во своето излагање на заедничката прес конференција со Фон Дер Лајен и додаде:
„Остануваме цврсто посветени како влада на својот пат кон полноправно членство во ЕУ. Нашата визија е јасна- сакаме да бидеме дел од европското семејство споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на право и почитување на човековите права. Владата ја цени заложбата на Претседателката за проширувањето на ЕУ во најскоро време. Очекуваме, ЕУ, заедно со нас, да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме нашиот европски интегративен пат истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите и вредностите на коишто почива самата ЕУ“.
Мицкоски секогаш гласно говори дека македонската Влада останува на своите позиции дека членството треба да се исполни според постигнувања, не според билатерални спорови, а тој е подготвен да разговара за надминување на проблемот со бугарските власти.
-Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, колеги сме, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба, потенцираше неодамна премиерот Мицкоски и додаде дека на таа средба треба да се види дали можеме да ги надминеме разликите околу тоа како ние го гледаме патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат.
„Тука е разликата генерално, затоа што ние секако за иста тема имаме различни гледишта. Ние имаме наша стратегија, суштината една, а тоа дали нас после две децении ќе ни биде дозволено да го почнеме процесот на преговори и истиот да се вреднува според постигнување, а не билатерални спорови. Да видиме дали тука можеме да се најдеме, па потоа да бараме решение за се останато“, изјави Мицкоски.