Денеска истекува рокот кога владината Комисија за употреба на имиња треба да донесе став и да го достави до Министерството за правда во врска со прашањето за преименување на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола, заради усогласување со измените на Законот за здруженија.
Врз основа на ставот на Комисијата, министерот за правда потоа треба да донесе одлука и доколку одлуката е негативна, здружението треба да биде избришано од Централниот регистар.
Од Министерството за правда за МИА изјавија дека се очекува владината Комисија за употреба на имиња денеска да го одржи состанокот, со оглед на истекот на рокот. Во изминатиот период биле направени промени на нејзиниот состав. Комисијата ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ.
– Се очекува одлуката на Комисијата. Министерот за правда целосно ќе ја почитува, наведуваат од Министерството за правда.
Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Од Централниот регистар за МИА тогаш потврдија дека на 10 февруари е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ – Охрид и дека постапката е во тек. Од здружението „Иван Михајлов“ од Битола, пак не било поднесено барање. Според изјавите за јавноста на првиот човек на бугарското здружение во Битола Љупчо Ѓеоргиевски, тие немаат намера да извршат пререгистрација и презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање.
Според измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
Тогаш бугарското МНР изрази загриженост поради изгласаните измени на законите за здруженија и фондации и за политички партии во македонското Собрание, оценувајќи дека „измените имаат за цел дискриминација и ограничување на правото на здружување на Бугарите во С. Македонија, бидејќи има еднострано толкување на историските факти“.