Денеска бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека ги прославѕваме 150-те години од раѓањето на големиот „бугарски револуционер“ Гоце Делчев.
Пендаровски, пак, во Скопје изјави дека нема ништо против заедничкото чествување на Гоце, иако Петков практично му објасни што подразбира под тоа бугарското општество. Но, тоа не е чудно од Пендаровски, кога манифестира ваков аматеризам, дополнет со неговата изјава од пред извесно време дека Гоце Делчев е Бугарин, заклучок што тој го добил по средба со неимунувани македонски експерти по историја.
Вака, меѓутоа, не мислел бугарскиот весник „Работническо дело“ во 1957 година и авторот Христо Калајџиев, кој го напишал овој текст за Гоце по повод 50 годишнината од неговата смрт. Еве што пишува весникот во време кога со Бугарија и бугарската КП веќе раководи Тодор Живков:
„Се навршуваат 54 години од херојската смрт на пламениот борец револуционер, на великиот син на македонскиот народ, Гоце Делчев. Неговото велико дело свети се појарко, а неговиот подвиг и денес ги вдахновува борците за слобода, за мир и за разбирање меѓу народите.
Гоце Делчев не пишувал книги, нема ни запишани негови говори. Во неколку писма и со неколку мисли, меѓутоа, тој ни ја дал јасно својата идеолошка позиција и својата борбена, политичка линија.
Тоа се овие мисли:
1. Срамно е да ги чепкаме своите рани, за да предизвикуваме сожаление на царевите и императорите;
2. Јас светот го разбирам единствено како поле за културен натпревар меѓу народите;
3. Ослободувањето на народот е дело на самиот народ;
4. Јас не ги мразам Османците како народ, јас војувам против Османската империја како господаречки систем и др.
Во текот на целиот свој свесен живот, Гоце Делчев војувал против разни видови врховисти, кои што си играа востание преку навлегување на неколку стотини четници во поробена Македонија и предизвикуваа бесмислени страдања на народот. Тој се бореше неуморно против мешањето на управувачките буржоаски клики што се стремеа да го прикачат македонското дело кон колата на сопствената завојувачка политика, поткрепувана од западните империјалистички сили.
Апостолот на македонската револуција Гоце Делчев работеше сеоддајно, ги организираше македонските народни маси, му вдахнуваше доверба на народот во во неговите сопствени сили, го учеше на цврстина во борбата…“, се вели во текстот на Калајџиев.
Истата година, по повод смртта ан Гоце Делчев, текст се појавува и во „Отечествен фронт“ во кој меѓудругото се вели:
„… Од тој ден изминаа 54 години, а името на преданиот и бестрашен борец на македонското национално – револуционерно движење Гоце Делчев се носи и денес како легенда низ целата македонска земја.
Гоце Делчев е и ќе остане бесмртен во свеста на македонскиот народ…“.
Како што можете да забележите, во овој бугарски весник отворено се зборува за Гоце како борец на „македонското револуционерно движење“, негово име се носи низ целата “македонска земја“, а тој ќе остане во свеста на “македонскиот народ“.