На 11 октомври 1941 година, неколкумина терористи, кои подоцна ќе бидат наречени „борци од Првиот прилепски партизански одред“, ја напаѓаат полициската станица во Прилеп и ги пресекуваат телефонските жици, вели бугарскиот европратеник Александар Јорданов.

Тој борците против фашизмот и бугарскиот окупатор ги нареле терористи.

– На 11 октомври 1941 година, неколкумина терористи, кои подоцна ќе бидат наречени „борци од Првиот прилепски партизански одред“, ја напаѓаат полициската станица во градот Прилеп и ги пресекуваат телефонските жици. Тие убиваат татко на три деца. Ова е приказната за прославениот почеток на „антифашистичката борба“ против „бугарскиот фашистички окупатор“. Зацрнето е добро семејство што верува во Бога. Три деца остануваат сираци, вели Јорданов во бугарскиот весник Труд.

Тој, како што пренесе Експрес, Прилеп го нарекува „град-симбол на бугарштината“.

– На 11 октомври 1941 година група родоотстапници комунисти, предводени од Лазар Колишевски – емисар на идниот комунистички сатрап Јосип Броз Тито, ја нападнале полициската станица во градот Прилеп. Оваа антибугарска акција денеска се слави како официјален државен празник во РС Македонија. Го слават политичарите кои посакуваат добри односи со Бугарија. Продолжувам да мислам дека за нив потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија беше уште едно лицемерие. Прославувањето на нападите врз Бугарите, прогласувањето на Бугарите за фашисти и окупатори не ги подобрува билатералните односи, коментира Јорданов во написот во Труд насловен „Сеќавање: Омразата кон Бугарија – официјален празник!.

Се позачестени се нападите од официјални бугарски политичари на историјата и историски настани за кои се уште има живи сведоци. Од македонска страна нема соодветни одговори од политичарите од актуелната власт, но има експресни реакции да се осудат нападите на бугарските клубови, со имиња на личности од фашистичкиот предиот на Бугарија, како што беше случајот во Битола и во Охрид.

Молчат македонските политичари кога се отвораат клубови што ги провоцираат македонските национални чувства, а веднаш реагираат, како што беше и вчерашната осуда од македонското МНР за кршењето на таблата на клубот Цар Борист Трети во Охрид.