Бугарскиот пратеник Ангел Георгиев од партијата Преродба, кој е меѓу тројцата осудени бугарски државјани по вчерашните тензии на граничниот премин Деве Баир, тврди дека бил тепан со тупаници и клоци од македонската полиција, пренесува Бугарската национална телевизија БНТ.

Георгиев, кој денеска одржа прес-конференција, беше пратеник до 3 февруари, еден ден пред настаните на „Деве Баир“, откако бугарскиот претседател Румен Радев го распушти парламентот и закажа нови избори на 2 април.

– Што навистина се случи на Ѓуешево? Околу 5-6 часа имаше колона Бугари кои сакаа да одат да го чествуваат споменот на Гоце Делчев. Тоа беше намерно направено под изговор дека нема струја. Во еден момент, кога се придвижија неколку автомобили, еден автомобил решија да го претресат за да задржуваат. Еден Бугарин беше внесен внатре од нивните гранични полицајци. Почнавме да снимаме видео и да прашуваме зошто го држат. Ни рекоа да не снимаме, граничната полиција скокна врз мене и врз други граѓани. Нè тепаа, нè удираа со клоци и тупаници. Нè внесоа во пунктот. Внатре во собите нè тепаа. Имам син очен капак, исеченица на носот, болки во потколеницата, ме тепаа по главата со тупаници. Јас сум најмалку тепан, другите добија повеќе удари. Шефот од македонска страна тепаше и велеа, цитирам: ‘ќе ве здробиме како кучиња’, рече Георгиев.

Тој додаде дека додека го тепале, телефонот му паднал во просториите на граничниот премин и дека не му бил вратен, за што поднел жалба. Вели дека побарал адвокат и лекарска помош, но бил одбиен. Според него, тој бил осуден поради зборови што не ги кажал.

– Исто така, не ми дадоа да стапам во контакт со бугарските власти. Бевме задржани неколку часа на преминот. Нè однесоа во Крива Паланка на суд и нè обвинија за зборови што не ги кажавме ние, туку се зборови на Симон Милков. Тие ни се припишаа нам. Ова можеби е намерно исценирано и ова лице да е испратено таму со цел и задача. За ова бевме осудени во псевдопроцес. Имаме парична казна зашто не прекинавме да ги снимаме граничарите. Не ги навредивме на никаков начин. Никој од бугарската држава не дојде – ниту конзулот ниту амбасадорот. Сами си обезбедивме адвокат. Од Преродба организираа плаќање на адвокатските услуги. Паричната гаранција и казните нашиот претставник им ги дал на рака на полицајците во евра, за овие пари немаме никаков документ. Се сомневаме дека можеби се во нечиј џеб. Ниту нашиот адвокат нема информации за овие пари, тврди Георгиев.

Од Преродба, која важи за проруска и антимакедонска партија, бараат средба со министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев за овој случај. Размислуваат да поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права.

Од партијата демантираат дека министерот Демерџиев разговарал со претседателот на Преродба, Костадин Костдинов, да се воздржи од посета на Македонија заради поклонение пред Гоце Делчев.

По 300 евра казна, протерување и забрана за влез во Македонија во траење од три години беше пресудата на Основниот суд во Крива Паланка изречена вчервавечер за тројцата бугарски државјани кои беа приведени на граничниот премин Деве Баир, меѓу кои беше и Ангел Георгиев од Преродба.