Гест за подигање на ветото од Бугарија за Македонија во ЕУ може да биде и да ни ги дадат коските на цар Самоил во Бугарија, изјавил Венко Сабрутев, пратеник од владеачката бугарска партија Продолжуваме со промените, за бугарската национална ТВ БНТ.
– Македонија и нејзиното вето за влез во Европската унија не е водечка тема за народот во моментов. Нема да го укинеме ветото доколку земјата не даде гаранции или гестови дека ќе ги исполни преземените обврски. Еден таков гест е враќањето на коските на цар Самоил во нашата земја, изјавил Сабрутев.
Според овој бугарски пратеник, актуелни теми за бугарскиот народ се инфлацијата, цената на горивата и гасната криза, а не Македонија.
-Нашиот западен сосед мора да ги исполни своите обврски и да направи гестови кон Бугарија за да му потврди на бугарскиот народ дека ќе ја промени својата политика, нагласил Сабрутев.
Тој смета дека за прашањето за Македонија треба да се бара национален консензус и не може да се очекува единствено решени.
-Секоја институција мора да ја одигра својата улога, мора да разговара со претседателот, Владата и да има национален консензус меѓу народот, објаснува Сабрутев.
Пратеникот прецизирал дека парламентот е институцијата која може да донесе одлука за Македонија.
-Партијата Продолжуваме со промените предложи да се организира Консултативен совет за национална безбедност свикан од претседателот на државата, за да се слушнат сите гледишта на темата. Нека ни кажат службите за што се работи, дали имаме причини да одиме напред и дали треба уште малку да работиме, потенцирал Сабрутев.