Денеска со владината делегација положивме венец со цвеќе пред спомен плочата посветена на делото на светите браќа во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, објави вечерва премиерот Димитар Ковачевски, кој со ќерката Тамара се наоѓа во Италија на чествување на светите Кирил и Методиј.

– По повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска со владината делегација положивме венец со цвеќе пред спомен плочата посветена на делото на светите браќа во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим. Базиликата Санта Марија Маџоре има посебно место во хронологијата на мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј бидејќи во неа папата Адријан Втори во 868 година ги осветил донесените книги што светите браќа ги подготвиле за да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

Неговата објава, илустрирана е со повеќе фотографии од чествувањето со неговата ќерка Тамара, а истата ја пренесоа повеќе владини функционери на своите профили, како и на профилот на Владата на Република Македонија.