Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Галаб Донев, в сабота ќе дојде во Република Македонија, на покана на неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, за да учествува на церемонијата по повод почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, соопшти прес-центарот на бугарската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, настанот ќе се одржи в сабота, во 12 часот, во близина на Куманово, а ќе присуствува и бугарскиот вицепремиер за економски политики и министер за транспорт и врски Христо Алексиев.
Паневропскиот коридор VIII, како што потсетува дописникот на МИА, ја поврзува Бугарија со Македонија, Албанија и по морски пат со Италија. Тоа е клучна рута во однос на зајакнувањето на поврзаноста на регионот, создавајќи интермодална врска меѓу Црното и Јадранското Море. Коридорот може да создаде голема додадена вредност за развојот на целиот балкански регион. Бугарија, Македонија и Албанија прават заеднички напори за негово комплетирање со изградба на главните проекти за железничка транспортна инфраструктура на нивните територии. Бугарија активно работи на вклучување на Коридорот VIII во приоритетната европска транспортна мрежа во правец Софија – Скопје – Драч – Тирана и тој да биде определен како дел од европскиот коридор „Западен Балкан“.