Бугарите во Македонија немаат потреба да бидат внесени во Уставот на РСМ, туку само неколку десетици активисти кои се длабоко поврзани со еден партиски штаб што се наоѓа на улицата Пиротска број 5, рече бугарскиот професот по историја Димитар Атанасов во емисијата „Добро утро, Европа“ на Еуроњуз Бугарија.
Атанасов, како што пренесе Плусинфо, алудира на партијата ВМР-БНД на Красимир Каракачанов, која има штаб на таа адреса во Софија.
– Прво, сакам да прашам кој има полза од впишување на Бугарите во Уставот на РС Македонија? Бугарите во Бугарија, Бугарите во С. Македонија, или некои други? Тврдам дека интерес има само една посебна група која се нарекува Бугарите, но тие се всушност Бугари, кои ни оддалеку не ги претставуваат сите Бугари во С. Македонија, туку само мал дел од нив. Еве во што е проблемот, според мене. Според Уставот на РСМ, етничкото присуство автоматски се претвора во политичко претставување, кое што носи одредени политички права. Тоа значи дека, доколку се внесат во Уставот тие неколку илјади луѓе, според последниот попис, кои се изјасниле како Бугари, автоматски ќе добијат политичко претставување, што води до институционална моќ. Од оваа институционална моќ имаат корист неколку десетици Бугари кои се длабоко поврзани со партиски штаб во Бугарија на улица Пиротска број 5, рече Атанасов.
Тој додава дека на Бугарите во Македонија не им е потребно нивно вклучување во Уставот на РСМ, туку еднаквост пред законите.
– Она што функционира е нивото на граѓански права. Што ако влезат Бугарите во Уставот, а и понатаму се третирани како граѓани од втор ред, праша Атанасов.
Тој истакна дека во моментов чешкото претседателство со ЕУ презела иницијатива да го олесни контактот меѓу Бугарија и РСМ во врска со историскиот наратив.
– Таму има одреден напредок, но дали само на РСМ ли ѝ треба промена на историските книги? Нашите вообичаени изјави ги земаме здраво за готово, токму затоа што сме родени и израснати со нив и тие се дел од нашиот информативен фонд, во чие создавање на ниту еден начин не сме учествувале. Меѓутоа, ако погледнеме подлабоко, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи. Тоа е поврзано со пропагандата од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која Македонија треба да се распарчи меѓу одредени балкански земји, меѓу кои како главна се гледа Бугарија, Но, сега ситуацијата е многу поинаква, многу одамна помина тоа време, и ништо не најавува дека тоа ќе се врати. Затоа, првото кон кое треба да се стремиме не е дали РСМ исполнува некакви услови, туку дали бугарската политичка и академска елита потпомага бугарската држава да заземе една доста поадекватна позиција, од гледна точка на современата наука, кога говори за историјата. Да не се залажуваме, ние немаме начини да влијаеме на случувањата во Скопје, но врз тие во Софија имаме, укажува Атанасов.
Според него, копликацијата започнала со тоа што заедничката комисија за историско-образовни прашања меѓу Бугарија и РСМ ѝ е дадена „под концесија“ на партијата од „Пиротска“ 5. Според него, едно од главните лица во таа комисија е „практично партиски пропагандист“ и е заменик претседател на бугарското ВМРО.
– Како може да претпоставиме дека таа комисија ќе работи во ситуација кога таму фигурира лице кое е партиски пропагандист, рече Атанасов.
На забелешка дека тие историчари се докажани и угледни во својата сфера, Атанасов вели дека треба да се прави разлика помеѓу историчари и историчари.
– Некои од тие луѓе и до ден денешен тврдат дека Македонија е бугарска, пројавуваат неуважување кон современиот македонски идентитет, кон фактот дека македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик постојат и ние немаме право да кажуваме дека тоа не е така. Како што јас немам право да ви речам дека треба да се нарекувате поинаку од она како што се нарекувате, така и вие немате право да тврдите дека јас не сум Димитар, туку дека сум Петар на пример. Јас сум Димитар и точка по прашањето. Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме дека тие се нешто друго. Треба да прекинеме со тоа, рече Атанасов.
Целиот текст може да го прочитате во Плусинфо на македонски јазик, а целото ТВ интервју со проф. Атанасов може да го отворите ТУКА.