Бугарија треба да дозволи преговори на земјава со ЕУ без условување со внесување на Бугарите во Уставот, истакна проф. Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките на завршната конференција: „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, во организација на Евротинк, што се одржа денеска во Скопје.

Атанасов смета дека впишувањето на Бугарите во Уставот е апсолутно бесмислена работа, односно и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори на Македонија во ЕУ.

Ако погледнеме историски, вели Атанасов, и двете страни аргументираат за историски тези.

– Ако погледнеме на историските личности, Гоце, Даме, тие сакале на Осоговските Планини да нема граници, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат само две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно. Бидејќи ние сме различни, но доволно блиски. Она што го можат Италијанците, Шпанците и Французите, зошто да не го можеме и ние, Бугарите и Македонците, рече Атанасов.

За односите меѓу Македонија и Бугарија во моментов, историчарот вели дека тие се на дното, а за тоа придонесоа иницијативите за отварање на т.н. културни клубови во двете земји.

– Се покажа дека клубовите се искористија како средство за провокација. За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи да започнеме да ги подобруваме, изјави Атанасов.

Додаде дека од двете страни на границата има политички субјекти, партии и институции, во чијшто интерес е односите да бидат се’ полоши. На чело на кампањата во Бугарија во последно време, вели тој, за жал одново застана бугарскиот претседател, Румен Радев.