Бугарската агенција БГНЕС попладнево пишува дека осомничениот напаѓач на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, е пуштен од притвор.

Осомничениот, кој според обвинителството го нападнал и го претепал Пендиков пред угостителски објект во градот, е пуштен, но со одземен пасош,а судот ја преиначил мерката „притвор“ по истекот на рокот од 30 дена, пишува БГНЕС, објавувајќи го и целото име и презиме на осомничениот, иако тој не е осуден за делото.

Обвинителството непосредно по инцидентот соопшти дека:

„На 19 јануари, во кафе-бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и со нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“.

Пендиков по нападот беше пренесен во Софија на лекување со авион на бугарската влада, а случајот доби силна политичка димензија, бидејќи Пендиков тврдеше дека го тепале затоа што бил Бугарин.