Бугариите биле пресреќни што ЕУ испорачала ваква преговарачка рамка за Македонија за каква не се надевале воопшто пред шест месеци – ова бил генералниот заклучок на бугарското МНР кој всушност е дел од извештајот на министерката Теодора Генчовска испратен до бугарскиот парламент.
Според официјална Софија, како што пренесе ТВ Алфа, францускиот предлог треба да се прифати за Бугарија да ја искористи „добрата позиција” до која дојде, стоело во заклучокот.
Во извешатјот на Генчовска кој веќе се лиферува во бугарските медиуми, наведено е дека најголем напредок бил постигнат во месец мај, а протоколите кои македонската влада ги крие како државна тајна биле усогласени на состаноците на 4 и 5 јуни кои се одржаа во Скопје.
Додека македонската тројка Ковачевски , Маричиќ и Османи тактизираат кога да се објави протоколот, па уверуваат и дека тој е неспоив со преговарачката рамка, бугарската страна јасно пропишала, а тоа добие амин и од собранието, дека билатералниот протокол е дел од меѓусебно поврзани документи без кои Бугарија нема да дозволи старт на преговорите. Тоа и јасно е наведено во изјавата на Генчовска дека Протоколот мора да биде потпишан од двете страни.
„Без потпишан Протокол, Преговарачката рамка сама по себе нема да ги даде потребните гаранции за историските аспекти на билатералниот спор кои се исклучително важни за нашата земја, туку само за преостанатите отворени прашања“.
Бугарскиот портал „Офф њуз“ ја објави содржината на извештајот на Генчовска пред собраниската комисија за надворешни работи, а со тоа и текстот на протоколот кој јасно укажува дека Македонија мора да ги прифати сите бугарски барања доколку сака европска перспектива.
Во протоколот јасно стои дека Македонија ќе мора да ги смени учебниците, да го отвори Уставот и да ги направи Бугарите од Македонија заедница а не малцинство, односно да станат државотворен народ. Во извештајот јасно било наведено дека актуелната влада на Македонија е подготвена на отстапки се додека е во состојба политички да се оправда пред своите гласачи.
Во однос на јазикот, во протоколот е наведено дека Бугарија не прифаќа и нема да прифати, експлицитно или имплицитно, постоењето на „македонски јазик“ во етнички и историски контекст, како што е наведено во Рамковниот став. Според протоколот, историската комисија мора да продолжи со состаноци оттука да се потпишуваат нови протоколи, во кои е можно да се вметне постигнатиот договор за нови теми. Се инсистира и на отворање на досиејата и на поранешните безбедносни служби, вклучително и измени на законодавството.
Извор: ТВ Алфа