Бугарското Министерство за надворешни работи ја осуди изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Романија и Бугарија придонеле за тензиите кои довеле до војната во Украина со поставување американски бази на нивна територија.
Путин го изјави ова во документарниот филм „Русија, Кремљ, Путин, 25 години“, пренесува Еурактив.
„Обидите на Руската Федерација да ја префрли одговорноста за почетокот на нелегалната и неиспровоцирана војна во Украина на други земји, вклучително и Бугарија, се целосно неприфатливи и претставуваат груба манипулација со фактите“, се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека пристапувањето на Бугарија во НАТО е суверена одлука заснована на волјата на бугарските граѓани и легитимните демократски процеси.
„Оваа одлука е диктирана од желбата на Бугарија за трајна безбедност, стабилност и мир во регионален контекст. Зајакнувањето на потенцијалот за одвраќање на земјите-членки има за цел заштита на сојузничката територија, не претставува закана за која било друга земја и е целосно во согласност со меѓународното право“, се додава во соопштението.
Бугарското министерство, исто така, нагласи дека земјата останува цврсто посветена на своите сојузнички обврски во рамките на НАТО и на принципите на Европската Унија.
Романија, исто така, реагираше на изјавата на Путин, а во таа земја е во изградба уште една голема база, која ќе биде поголема од базата Рамштајн во Германија.
Фото: МИА архива