Бугарија со голема загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во таа земјата, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
„Вчера Комисијата за употреба на лични имиња во С. Македонија даде негативно мислење за употребата на името на Иван Михаилов од страна на здружението Центар за култура „Иван Михаилов“ – Битола. Врз основа на ова решение, министерот за правда Кренар Лога потпишал решение со кое барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михаилов е одбиено со причините наведени во мислењето на Комисијата. Истовремено, Централниот регистар во С. Македонија соопшти дека донел решение со кое е одбиено барањето за помирување за името на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид. Одлуките што ги донесоа властите во С. Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вкучително и за оние кои се дефинираат како Бугари“, се вели во реакцијата од бугарското МНР.
МНР, се додава натаму во реакцијата, потсетува дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против С. Македонија за повреда на чл. 11 (право на здружување).
„Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред“, соопшти бугарското МНР.
Централниот регистар на Македонија достави околу 17.000 невладини организации на разгледување до Министерството за правда. Во законскиот рок, негативни решенија за користење на имињата избрани од нивните основачи добија Здруженијата „Иван Михаилов-Битоли и „Цар Борис III“ од Охрид.
„Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измени во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите на С. Македонија. Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и С. Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи“, се наведува во реакцијата од бугарското МНР.
– Името кое го носи нашиот културен центар „Иван Михајлов“ не е запишан во централните регистри, туку во срцата на луѓето во Македонија, пишува во објава на Фејсбук. Со ова РСМ го предава случајот на ВМРО и заштитата на Македонците. Со оваа одлука, тие ги прецртуваат животите и борбата на илјадниците Македонци кои загинаа во име на идејата која ги дала темелите на оваа држава – ВМРО и нејзините лидери Даме Груев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Иван Михаилов, луѓе кои јасно се идентификувале самите како македонски Бугари“ пишува претседателот на бугарскиот културен центар во Битола, Љупчо Георгиевски.
Тој во објавата на Фејсбук додава дека „македонските Бугари знаат по кој пат треба да оди Македонија и потенцира дека ќе стигнат дури и до Судот во Стразбур барајќи ги своите права“.
– Сакале или не, ние македонските Бугари сме тука и знаеме по кој пат треба да оди Македонија, како што знаеја нашите предци, ние сме борци за правда како нив, а не жртви, и со секој изминат ден ќе стануваме се повеќе и повеќе. Не се откажуваме и ќе стигнеме до Стразбур, ќе се бориме и за нашите права и за отстранување на фалсификуваната историја“, пишува Георгиевски на Фејсбук.
Георгиевски додава дека пред неколку години само зборот Бугарин бил табу во земјава, а сега, како што вели, истите овие луѓе се борат за човекови права.