Разликата помеѓу одредени поими во македонскиот и во бугарскиот јазик е очигледна, па на моменти предизвикува и сериозни несогласувања, како што е случајот со историјата – споделена или општа. Но, односот на бугарската држава кон одредени поими, како што е правдата очигледно е различен, односно целосно спротивен од целиот останат свет со сите свои јазици. Кога станува збор за правда сите се придржуваат кон меѓународно право, конвенции, воспоставени правила и договори. Само Бугарија не! Само не за бугарските државни и правосудни власти. За нив се што ќе се изјасни дека е бугарско е заштитено не само од нив, туку и од Бога. Се е нивно и божје! За сите важи правда само за нив е „кривда“! Односно сите се криви, само не нивните благонадежни чеда!
Од тука не треба да не изненадува што официјална Софија пет пари не дава за пресудите од Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и десетиците пресуди во корист на ОМО Илинден – Пирин. Не изненадува и последниот случај со обвинетата за тешки дела во сообраќајот со смртни последици, Ива Михаилова и нејзиниот татко Симеон Михаилов, осуден на 12 и пол години затвор и во бегство во Бугарија. За нив не важи поимот правда, оти тие се Бугари. А, за Бугари важат други правила кои ги одредува само Софија и никој друг.
Како поинаку да се сфати чинот на појавување на Симеон на протести во Софија за правда (кривда) за неговата ќерка и турнеја по сите бугарски медиуми каде само тој знае што е вистината и само тој одлучува дека против него и ќерка му има политички прогон. А, притоа за него е издадена меѓународна потерница, која важи секаде само не во Бугарија. Таму може слободно да се шета пред бугарската полиција, пред медиумите, пред бугарските институции без притоа да биде уапсен и сместен во екстрадиционен притвор.
За неговата ќерка Ива Михаилова, пак само нејзиниот збор е важен кој е виновен за сообраќајката и пред да заврши судскиот процес. И види чудо! Повредената девојка може да се третира медицински, само и само во Бугарија. Веројатно првиот момент кога ќе ја помине границата волшебно ќе се излечи и уште посилно ќе ја продолжи бугарската пропаганда за тоа колку Бугарите се обесправени во земјава, како само против нив има репресија и политички прогон само затоа што се Бугари. Само тие божји чеда се невини секогаш кога ќе напрват зло и криминал затоа што се Бугари.
И кога на сето тоа, судницата во Кочани ќе ја окупираат 10-ина ,,загрижени‘‘ бугарски политичари за повредата на бугарскиот происход, тогаш ја имаме целосната слика за односот на официјална Софија кон Македонија, нејзиниот правен систем, нејзината сувереност, територијален, национален и хуман интегритет. Интегритет кој важи за сите само не за чедата божјите – Бугарите.
А, за баналноста на целиот случај зборува и загриженоста на, како што тврди Софија 200.000 македонски граѓани со бугарско државјанство, кои на двата протеста во Софија и во Кочани се појавија во минорен, море ултра минорен број – неколку десетини.
Затоа не очекувајте дека и по вметнувањето на Бугарите во уставот нешто ќе се подобри. Всушност ќе се промени на многу полошо. Тогаш Софија и уставно ќе може да интервенира за секој настинат, емоционално потресен, сиромашен и каков и да е незадоволен Бугарин за чија состојба ќе биде виновна македонската држава.
Се додека нема реципроцитет за Македонците во Бугарија, гаранции дека Софија нема што повеќе да бара и меѓународна контрола на нејзиното однесување, ниту ќе има Бугари во устав, ниту преговори со ЕУ.
ПС
Се додека ЕУ не си го среди својот двор и истите ЕУ правила и правда не почнат да важат и за Бугарија, Брисел ќе има не ,,тројански коњ‘‘ туку „тројанско магаре„ за кое правдата ќе биде „кривда“.




