Бугарската полиција го истражува силувањето и убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова, чие тело вчера беше пронајдено на кејот во близина на Дунав во бугарскиот град Русе.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов денеска изјави дека нема докази што сугерираат дека убиството е поврзано со нејзината работа.
– Се работи за силување и убиство, посочи Маринов.
Бугарската полиција сепак работи на сите евентуални сценарија истражувајќи ги можните врски со нејзиниот личен и професионален живот.
Маринова (30) е брутално претепана, силувана и задавена во саботата во Русе, северна Бугарија, а нејзиното тело беше пронајдено во парк во близина на реката Дунав.
Таа беше новинарка и уредничка на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите од Европска унија.
Европската комисија денеска побара брза и темелна истрага за свирепото убиство на бугарската новинарка Маринова, нагласувајќи дека „нема демократија без слободни медиуми“, јави МИА.
– Со голема тага дознавме за убиството на Викторија Маринова. Европската Комисија очекува брза и темелна истрага која ќе ги изнесе одговорните пред органите на правдата и да се разјасни дали убиството е поврзано за нејзината работа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас
Портпаролот потсети дека претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, пред еден месец во својот годишен говор истакна дека за ЕУ слободата на медиумите е „света“.
– Новинарите секаде мораат да бидат безбедни и да го даваат својот бесценет придонес за демократските општества, исракна Схинас.
Тоа е четврто убиство на новинар во ЕУ за нешто повеќе од една година, по случаите во Словачка, во Малта и во Данска.
Европската и Меѓународната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.
– Уште еднаш новинар кој покрива корупција беше грозоморно убиен. Истражувачкото новинарство во Европа се повеќе е во опасност. Време е за акција од страна на државите – не смее да има неказнивост, изјави генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Антони Беланже.