Претседателката на албанското опозициско Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади, изјави дека земјата се наоѓа во многу тешка економска и политичка состојба, за што, според неа, главен виновник е премиерот Еди Рама.

– Луѓето сфаќаат дека ситуацијата е навистина многу сериозна, тешка економска, политичка и безбедносна ситуација. Ова доаѓа како резултат на фактот што државата  ни е заробена од криминалот или кажано поинаку како резултат на лиценцирањето на криминалните групи од страна на премиерот, обвини Круемади.

Таа додаде дека премиерот Рама е во функција на бандите, кршејќи го законот, а политиката ја користи како камшик врз незаштитените граѓани.

– Денес имаме многу голем проблем со албанската економија. Имаме монополизирана економија во три раце и ова доаѓа како резултат на врската или комуникацијата на премиерот со одредена група. Не ни треба политика која работи и им служи на бандите да го кршат законот и да ги заштитува нив, и политика што се користи како камшик за граѓаните кои немаат никаква поддршка и заштита, истакна лидерката на ЛСИ.

Таа оцени дека опозицијата не може да се користи како алиби или фасада на премиерот Рама во Парламентот и оти единствениот нејзин пат е соочување очи во очи, со како што нарече, криминалниот режим.

– Ние како опозиција да бидеме алиби на Еди Рама во Парламентот, да бидеме само штит за да кажеме дека постои демократија, да делува како што тој вели, да слушаме и  да гласаме, нема повеќе никаква вредност. Патот на опозицијата е само еден. Очи во очи со овој криминален режим, посочи Круемади.

Деновиве таа упати апел дека „државата треба да се спаси денес, повеќе од кој било друг ден“.

– Ние како ЛСИ сметаме дека државата треба да се спаси денес повеќе од кој било друг ден, зашто утре ќе биде многу доцна. Нема да биде доцна за нас, ни за Еди Рама, туку за децата на Албанците кои денес се во најголема опасност од било кога до сега, зашто власта го брани криминалот, наведе Круемади на седница на партиското Претседателство.

Од обвинувања таа не го поштедува ниту претседателот Илир Мета, за кого, неодамна  рече дека  доколку би имала 92 пратеника би го разреши од фунцијата.

Според неа, Мета, кој е нејзин сопруг, е виновен за состојбата низ која минува државата бидејќи „му дава моќ на лидерот на криминалот Еди Рама“.