Недостатокот на работна сила е се понагласен на приморјето, а хрватските медиуми пишуваат дека владее вистинска војна и тоа за – чистачки.

Најголемиот проблем за бизнисот во овогодишната хрватска туристичка сезона, најмногу ќе дојде до израз во следните пет недели- најинтензивниот дел од туристичката сезона.

Хрватскиот синдикат за туризам проценува дека во овој период ќе се јави недостиг од околу 10.000 работници во угостителските и туристичките услуги.

Овој факт го потврдуваат и секојдневните огласи и потрагата по работници. Најголем проблем во моментов имаат рестораните, угостителите и баровите во потрага по „бели кошули”, хотелите најмногу бараат собарки, семејните изнајмувачи луѓе, кои ќе чистат и ќе ги одржуваат се побројните апартмани. Сè на сè, во врвот на туристичката сезона, не с бара повеќе само професионален угостителски персонал, туку каков било кадар.

Хрватски сопственик кажува дека за чистење на пет апартмани работничката се плаќа 10,000 куни месечно, а во Сплит изнајмувачите за одржување на три до пет апартмани плаќаат 7-10 илјади куни.

– Добиваме информации од големите хотелски и туристички куќи, кои недоволно ги плаќаат своите работници, дека девојките не сакаат да работат повеќе за 3,5 до 4 илјади куни, даваат отказ и одат да чистат апартмани. Тие велат дека заработката таму им е повисока. Но тоа не е постојана работа и нема исплата за пензија и здравствена заштита. Но, помладите не размислуваат за тоа, туку одат таму каде што се подобро платени, а тоа е лошо за квалитетот на услугата , вели Едуард Андриќ, претседател на Туристичкиот сојуз на Хрватска.

Бројот на регистрирани објекти во домаќинствата се зголемил за 14,3 отсто оваа година, а бројот на креветите во нив се зголемил за околу 57 000 и  достигна речиси 600 000 легла. Сите тие станови и апартмани треба да се чистат и одржуваат неколку пати неделно, бидејќи гостите се пократко остануваат на едно место, така што становите во градовите се чистат три или четири пати неделно. Затоа цените за таквата работа се движат од 50 куни за мал стан во градот до 400 куни за поголеми станови на островите.