Наместо по четири шлепери дневно, Македонија од 18 јули речиси воопшто не извезува овошје и зеленчук во Косово. По воведувањето на одлуката за зголемување на царините за 30 отсто, пласманот, од вообичаените 100 – 150 тони се сведе на нула, велат стопанствениците.

Тие бараат одлуката да се укине зашто ја блокира размената, а на сличен став се и нивните колеги од косовска страна.

Укинување на одлуката вчера побараа и македонските министерства за економија и за земјоделство, со официјални дописи до ЦЕФТА, ЕУ и Владата на Косово. Најавија дека ако тоа не се случи во најкус временски рок, една од опциите е воведување контра-мерки.

Министерот за надворшени работи, пак, Никола Димитров, вчера, од заедничката прес-конференција со косовскиот колега Беџет Пацоли во Приштина, порача дека не може една мерка да биде добра за Косово, ако не е добра за пријателот во соседството. Ако се воведат контра мерки, оцени, работата ќе ескалира во лош правец и потоа, повторно ќе мора да се седне на маса за да се најде решение.

Според македонските министерства за земјоделство и за економија, косовската одлука е паушално донесена, без аргументи за зголемен увоз и евентуални штети, правно и формално не е јасна, а е и спротивна на ЦЕФТА Договорот.