Измените на Законот за амнестија се нужни поради пренатрупаноста на затворите, но, Собранието мора да внимава колку и како ќе го користи исклучокот од правилото со донесување на закон преку кој упаѓа во сферата на казнената политика, сметаат експертите кои денеска учествуваат на дебатата „Законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во РС Македонија“ што го организира Македонското пенолошко друштво.

Според поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, амнестијата е нешто кое што како институт постоел отсекогаш, и ќе постои, меѓутоа првиот тест што треба да се применува и да се оценува е законитоста.

– Кога зборуваме за законитост не е само закон како таков да постои. Мора да постои квалитетен закон за да може тој прв тест да се помине. Кога зборуваме за квалитетот на законот, тука ќе треба да се расчленува и да се гледа што овој закон за амнестија носи. Секако дека целта на носење е многу важна имајќи ја предвид, меѓудругото и пропорционалноста, меѓутоа, она што е најважно е што ќе се постигне со таа амнестија, рече Цаца Николовска во изјава за медиумите пред почетокот на настанот.

Николовска вели дека проблемот со затворите е фактичка состојба, но, не е сигурна дали ќе се реши целосно со измените на Законот за амнестија.

– Дека има проблем со затворите, има. Дали со амнестијата ќе се расчисти, не сум целосно сигурна. Дека во еден дел ќе се ослободат затворите, можеби, меѓутоа, она што е многу важно е дека државата мора прво да размислува на друг начин да овозможи извршувањето на казните да биде на достоинствен и соодветен начин, вели Цаца Николова.

Според академик Владо Камбовски, со донесувањето на Законот за амнестија, Собранието упаѓа во сферата на казнената политика.

– Со донесување на законот за амнестија, Собранието упаѓа во сферата на казнената политика со одредени корекции на она што било донесено како правосилни судски пресуди за изречена казна затвор. Значи, тоа е едното прашање, дали Собранието и во која мера ќе ја користи својата уставна надлежност за давање на амнестија и со оглед на тоа дека амнестијата е исклучок од правилото. Инаку, кога Собранието секојдневно би носело закони за амнестија тогаш сигурно дека тоа би значело значително ограничување на судската власт. И според тоа, рестриктивно – тоа значи дека Собранието треба да донесува закон за амнестија само кога за тоа има оправдани причини, смета академик Камбовски.

Во однос на прашањето дали сега Собранието има оправдани причини да ги донесе измените на Законот за амнестија, тој одговори дека во овој случај, Собранието даде одредени аргументи кои треба да се преиспитаат.

– Главно претегнува аргументот за преоптовареност на затворите. Тоа е значаен аргумент што треба да се провери, да се испита дали е издржан или не. Кај нас од околу 7.700 осудени лица само околу 1.500 се осудуваат на казна затвор, додека во околу 3.500 казните затвор се условни, т.е. се изрекува условна осуда на казна затвор. Тоа е колку се изрекува годишно. Меѓутоа, имајте предвид дека бројот на затвореници не се сведува секоја година, туку се кумулира од година во година. Така што ако имате изречени подолготрајни затворски казни, вие ќе имате преполни затвори, ако побрзо тече тоа влегување – излегување од затвор тогаш затворите ќе бидат сосема доволни, вели Камбовски.

Тој го потенцираше слабиот капацитет на затворите во кој, како што посочи, не е задоволен ни основниот физички простор за престојување, а, не, пак, другите елементи што треба да го поддржат процесот на ресоцијализација на осудените лица.

– Тој елемент е клучен за да се оцени на крајот дали во овој случај навистина ни е потребен Закон за амнестија. Мојот прв впечаток е дека тоа е така кога ги гледаме не само сликите од затворот, туку и исказите на затворениците кои излегуваат во јавноста. Не можете да го фрлите човек во такви услови на лишување од слобода кои се крајно нехумани, рече Камбовски.

Според професорот по уставно право Светомир Шкариќ, оваа амнестија, која е седма по ред, е амнестија од нужда.

– Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци. Тоа го дозволивме и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови.,Мора правото да страда, посебно да страда уставното и кривичното право затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. Собранието преку овој закон игра улога на суд, суди пократка постапка, законот го носи по итна и кратка постапка, рече Шкариќ.

Според него, мора да се внимава на секоја амнестија и на помилувањето.

– Тие се два инструмента од кои едниот го носи Собранието, вториот претседателот. Се вршат такви промени во судската сфера што досега не се забележале. Тоа е голем удар и на правниот систем, и на судството. Но, пак велам, од нужда, рече тој.

Според информациите од Министерството за правда, со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување ”од член 353,  „Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово базирано насилство, информираше Министерството за правда.

Амнестијата не се однесува за кривични дела „Разбојништво” од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, „Несовесно работење во службата” од член 353-в, „Примање поткуп” од член 357, „Давање поткуп” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Исто така, амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година, не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во државава,  како и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Предлог законот за амнестија е ставен на 129 седница на Собранието на Република Северна Македонија закажана за 2 ноември.