Претседателот на Украина Петро Порошенко и цариградскиот патријарх Вартоломеј потпишаа договор за создавање самостојна украинска црква. Церемонијата се одржа денеска во резиденцијата на патријархот во Истанбул, јави БТА.
– Денеска е историски ден. Потпишавме Договор за соработка меѓу Украина и Вселенската патријаршија. Украинците се молеа Господ да им испрати една православна автокефална црква, изјави Порошенко по потпишувањето на договорот.
Вартоломеј повторно изјави дека правото да се обезбеди автокефалност е дел од неговите ингеренции и додаде дека таквите дејства „ќе помогнат да се надмине расколот кој постои во Украина веќе 30 години“.
– Покрај тоа, ви благодарам за посетата на Вселенската Патријаршија, за прекрасниот храм „Свети Андреј“, кој ни го дадовте во Киев, за мајката Црква да има трајна застапеност во Украина, му се обрати Вартоломеј на Порошенко.
Кон средината на октомври Цариградската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква, со што го отвори прашањето за статусот на милиони верници во Украина, каде што Руската православна црква има големо влијание.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека поделбата меѓу православните цркви по одлуката на Цариградската патријаршија да ја признае автокефалноста на украинската православна црква, ќе предизвика „сериозни последици“.
– Сакам да нагласам една работа: политизацијата во толку чувствително подрачје секогаш повлекува најтешки последици, пред се за тие кои го прават тоа, рече Путин на форум на претставници на руската дијаспора во Москва.
Православните христијани во Украина се поделени, односно еден дел се под јурисдикција на Московската патријаршија, а друг дел на Киевската патријаршија, која прогласи автокефалност по независноста на земјата во 1992 година и до сега не беше призната од ниту една православна црква во светот.