Северна Кореја ги предупреди САД дека ќе ја оживее државната политика за јакнење на нуклеарниот арсенал, ако САД не ги укинат економските санкции спрема Пјонгјанг.

Министерството за надворешни работи на Северна Кореја издаде вакво соопштение поради санкциите воведени спрема оваа земја и притисокот да ја прекине нуклеарната програма, јави Асошиејтед прес.

Во соопштението се наведува дека Северна Кореја може повторно да ја воведе „пјонгџин политиката на истовремен напредок на нуклеарните сили и економскиот развој“, ако САД не го променат својот став.

– САД сметаат дека нивните санкции и притисоци довеле до денуклеаризација. Не можеме да не се смееме на така глупава идеја. Подобрување на односите и санкциите се неспоиви. Ако САД продолжат да се однесуваат арогантно без сигнал дека го промениле својот став и да не го сфаќаат нашиот повторен став, ДПРК би можела да додаде една работа во својата државна политика во напорите за економски напредок, а како резултат на тоа повторно би можело да се појави зборот пјонгџин, пишува во соопштението.

Како што се наведува, пјонгџин на корејски значи двоен напредок.