Министерката за образование Мила Царовска вечерва објави дека досега во историјата на Македонија немало вакви дебати за основното образование, а ако ги имало пред 25 години сега ќе сме биле развиена држава со потенцијал и човечки капацитети.
-За првпат одиме со широка дебата за реформските процеси. Досега не сме имале вакви дебати за основно образование. Што би рекле академиците што беа со мене на состанок: „Пред 25 години да дискутиравме за основно образование како што дискутираме денес, колку ќе бевме развиени, колку подобар потенцијал и човечки капацитет ќе имавме во нашата држава“, објави Царовска на Фејсбук.
Во објавата нема посочено кои се академиците што ја испофалиле министерката Царовска. Но, освен пофалбите од директорите на училиштата кои се поставени од министерството на чие чело е таа, како и невладините организации блиски на власта, Царовска не ги споменува револтот и критиките кои се упатени од голем број релевантни субјекти кои се засегнати од концептот за реформа во образованието.