Оваа учебна 2020/2021 година почна и ќе заврши со хибридна настава зашто се покажа дека тој модел е најуспешен, рече на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска.

– Избравме хибридна настава зашто тој модел нудеше најмногу опции. Дел од наставата се одвива со физичко присуство, поголем дел е онлајн, а учениците од стручните училишта одат комбинирано на настава. Одржав состанок со директорите на училиштата и тие потврдија делка без проблеми заврши оценувањето по првото тримесечје. Така ќе биде и на полугодие и на крајот на школската година – децидна е Царовска.

На новинарско прашање дали по зимскиот распуст можно е сосема да се отворат училиштата според искуствата на некои земји од регионот, Царовска одговори дека тоа е одлука на здравствените власти.

– Ние мора да ја почитуваме нивната одлука зашто здравјето на граѓаните е на прво место. Многу земји ги отворија училиштата, но за кратко време ги затворија. Ние немавме таква ситуација. Наставата успешно се одвива, рече Царовска.