Хибридниот модел на настава во првото полугодие (онлајн, физичко присуство и часови на телевизија) обезбеди континуитет и ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во кои се работеше во изминатите три месеци – оценето е на онлајн-состанокот кој министерката Мила Царовска вчера го имала со директорите на основните и средните училишта од целата држава.
Над 90 отсто од учениците успешно следеле онлајн-настава, помалку од 1 процент активни случаи на КОВИД-19 имало во наставата со физичко присуство и редовно биле емитувани часови на македонски и на албански јазик на МРТ.
– Слободно можеме да кажеме дека успешно го заокруживме првото полугодие. Наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети, соопштиле директорите на состанокот.
Учениците од четвртокот се на распуст и на настава (во клупите, пред ИТ-уредите и ТВ-екраните) ќе се вратат на 21 јануари. Уште 15 дена може да се праќаат и предлози, сугестии и забелешки за Нацрт-концепцијата за основно образование поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
Министерката Царовска вчера изјави дека е очекувано да има спротивставени ставови за крупни реформи, дека коментарите се добредојдени и ќе бидат земени предвид тие што се добронамерни и издржани. Но не да се отфрлува концепцијата, порача министерката, зашто земјите кои имаат спроведено ваков начин на учење, рече, имаат највисоки резултати на меѓународните тестирања.
И премиерот Зоран Заев рече критиката е добредојдена и дека заедно со сите членови на Владата ќе се дебатира за целиот процес, ќе ги видат, како што рече, најдобрите сугестии и согласно со тоа ќе одлучуваат. Двајцата посочија дека реформата ќе се спроведува постепено до деветто одделение, ќе биде во етапи, а не со радикални чекори.
– Со реформите одиме полека затоа што влегуваме во две одделенија од целата деветолетка. Влегуваме етапно и постепено за да гарантираме квалитет и за секоја наредна учиме од претходната година за да можеме да ги вклучиме сите засегнати страни коишто имаат одредено мислење. Овој концепт го подготвуваат педагози, психолози и наставници од настава, за да може врз негова основа да се изградат наставни програми во кои ќе учествуваат сите релевантни страни. Во наставните програми за општествени науки ќе учествуваат историчари, социолози, географичари, за оние по природни науки – математичари, хемичари, биолози, физичари, рече Царовска.
Нагласувајќи ја потребата од реформи во основното образование, премиерот Заев посочи дека тие што работат на новата концепција немаат лоши намери и се подготвени да ги слушнат сите експерти од сите области, вклучително и родителите и децата и да го прифатат тоа што е најдобро.
– Нема потреба да брзаме, имаме доволно време по пат на дебата да извлечеме најдобар модел кој ќе биде во функција на образовниот процес на учениците. Еден дел од сугестиите велат да се оди пополека и да не се избрзува. Да се тргне од прво одделение, па следната година од шесто одделение, за да видиме како ќе влијае новиот концепт. Поедноставно да се почне од прво одделение, бидејќи имаат само учителка и професор по англиски јазик или по физичко, а од шесто одделение имаат по 12 до 13 наставници. Можеби треба да дадеме подолго време за шесто одделение, за да се издискутира докрај и да тргнеме од 2022 година. Ова не го кажувам како експерт, туку за да знаат сите дека јас, министерката за образование и целиот нејзин тим, експертската и работната група се подготвени да слушнат што е најдобро и да го прифатат тоа за да стартуваме онака како што е најдобро за учениците, изјави Заев.
Повторија дека со новата концепција ниеден наставик нема да остане без работа и дека се грижат подеднакво и за учениците, и за кариерниот развој на наставниците.
Во таа насока е и првиот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање наставник ментор, што обезбедува и повисок личен приход. Повикот предвидува квоти за секоја општина, пријавувањето е електронски преку www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, рокот за аплицирање до 21 јануари, а резултатите ќе бидат објавени до 10 февруари 2021.
Одлуката за распределба на наставници ментори по општини со утврден буџет беше донесена на седница на Владата минатата недела и ја соопшти Царовска на собраниската седница за пратенички прашања, на која рече дека наставниците се срцето на образованието и затоа мора да имаат стабилна работа, да се чувствуваат сигурно и да имаат кариерен развој.