Вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01 отсто, што значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот. Досега немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
– Епидемиолозите следат, Комиисјата за заразни болести следи, информациите ги добиваат и тие, како што ги добива МОН, и тие дејствуваат врз основа на општина, регион, училиште. Упатувам на тоа дека во училиште се 240 илјади ученици, а вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01 отсто, што е навистина многу низок процент. Очекувам дека ќе успееме да се одржиме во ниски проценти, затоа што највисок интерес на учениците е да бидат во училница, нагласи Царовса.
Апелираше до директорите, наставниците, родителите да ги почитуваме протоколите, да ги заштитиме своите деца, да им обезбедиме и право на учење кое е основно детско право.
Во однос на укажувањата од Народниот правобранител, Царовска посочи дека протоколите, како и планот за работа и трите сценарија се усвоени на владина седница во координација со Комисијата за заразни болести, уште во јули.
– Во моментов го спроведуваме сценариото физичко присуство во училиште, за сите ученици на цела територија освен Тетово и Гостивар кои започнуваат од следниот понеделник со настава со физичко присуство, вчера Владата ја донесе истата оваа одлука. Но, се останато може да е размислување на одредена институција, но најрелевантни за тоа дали треба да се скратат часовите, не треба да се скратат, дали има здравствен проблем или нема, ниту е МОН, ниту е Народниот правобранител туку е Комисијата за заразни болести. Од страна на Комисијата протоколите се усвоени и како такви детално се практикуваат, доколку има потреба од промена на истите јас сум сигурна дека Комисијата ќе не алармира, но досега такво нешто немаме, рече Царовска.
Тоа што го спроведува нашата држава, додаде, го спроведуваат и сите држави во светот дури и најразвиените.
Царовска, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека процентот на вакцинирани наставници е висок и изнесува над 74 процнети.
– Мислам дека до крајот на месецот ќе постигнеме и едно соодветно ниво како што велат здравствените власти за колективен имунитет кај наставниците и тоа е речиси два пати повисок број од националниот стандард и ме радува тоа бидејќи тоа покажува висока свесност кај наставниците за потребата од континуитет во настава, заклучи Царовска.