Реформата во основното образование е сеопфатна и со неа треба да се постигнат вистинските вредности во општество преку повеќе сегменти, истакна денеска министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во „Утрински брифинг“.

– Овие сегменти се едно општество за сите, инклузивност, родова рамноправност, мултикултурализам. Образованието е стожер на тоа какво општество сакаме да имаме. Таму треба да ги изградиме идните граѓани и да ги профилираме на начин на којшто сметаме дека државата ќе ја носат напред, рече Царовска.

Таа нагласи дека во подготовката на концепцијата, како и секаде во светот работат педагози и психолози и советници од Бирото за рзвој на образование, а експертите од пооделни научни дисциплини ќе бидат вклучени во подготовката на наставните програми.

– Во оваа фаза на јавна дискусија низ еден консултативен дијалог важно ни е да го слушнеме мислењето на сите и врз основа на тоа да создадеме реформа којашто ќе дава добри резултати. Затоа што преку неа државата се менува и образовиот систем се менува на подобро, рече Царовска.

Министерката истакна дека во буџетот за идната година има пари за реформата, и зголемувањата се гледаат во ставките за капитални инвестиции, за обуки на наставниците и за изготвување на наставни програми. Освен средствата од државата, како што посочуваат од Министерството за образование и наука, огромна поддршка има и од меѓународните институции, како што се Светска банка, УНИЦЕФ, Европска Делегација, Британска амбасада и други.