Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во рамки на официјалната посета на Вашингтон, се сретна со Марсиа Еугенио, директорка на Канцеларијата за детски труд, присилна работа и трговија со луѓе во Стејт департментот.

На состанокот на којшто присуствуваше и целиот тим на Канцеларијата, Царовска и Еугенио разговараа за реформите кои Македонија ги направи во делот на детската заштита, но и за идните процеси поврзани со детската заштита.

Царовска рече дека „за трајно решавање на детската сиромаштија е многу важна социјалната реформа којашто веќе се спроведува во С. Македонија“. Со неа, потенцира, се извлекуваат најранливите од сиромаштија и таа значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток, но истовремено и обврска децата редовно да посетуваат училиште.

На овој начин, потенцира министерката, се намалува детската сиромаштија, и се овозможува безгрижно детство, детство кое е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и ги вклучува децата во образовниот процес.

Царовска истакна дека изминатиот период Министерството за труд и социјална политика презема активнсти за решавање на проблемите со бездомните семејства и нивните деца.

Царовска на состанокот рече дека единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка.

-Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои постојано се на терен и работат со семејствата. Досега тимовите идентификуваа вкупно 251 дете на улица и поголемиот дел од нив се без документи, но со директна работа со семејствата децата постепено се внесуваат во образовен процес и редовно ги посетуваат дневните центри за деца на улица, истакна Царовска на средбата.