Сите ученици во основните и средните училишта од 1 септември со заштитни маски тргнуваат на физичка настава, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска.
– Учениците од прво до трето одделение лани покажаа дека знаат подобро од возрасните да ги почитуваат протоколите, рече министерката, одговарајќи на новинарско прашање пред денеска Владата да ја официјализира одлуката за физичка настава за сите ученици.
Таа додаде дека исклучоците кои Владата ги најави вчера но не ги откри кои ќе бидат тие се можноста да отсуствуваат деца кои се хронично болни, или во моментот се во изолација.
-Очекувам на истиот начин. Училиштата се веќе обучени. Сите знаете дека лани се работеше од прво до трето одделение во сите училишта, во сите регионални помали подрачни. Тие беа отворени, со протоколи и немавме инциденти на интерно ширење на вирусот. Токму затоа, оваа година, во интерес најмногу на ученикот Кризниот шатб ја донесе одлуката и и препорача на Владата, која денеска има владина седница и очекувам оваа одлука да се потврди и да ја почнеме учебната година со физичко присуство. Исклучоци ќе има за оние деца со хронични болести или ако има член на семејството со хронична болест. Тие деца ќе може да добијат одредено ослободување. Децата што ќе бидат пак во изолација, ќе може онлајн да ја следат наставата, додаде Царовска.
Таа додаде дека сценариото ќе се менува само доколку се зголеми ризикот.