Новата концепција за основно образование, со која повеќе предмети се интегрираат во еден предмет, а историја повеќе нема да се изучува како посебен, туку дел од општествените науки, министерката за образование и наука Мила Царовска го објасни како промени кои се во согласност со развиените земји каде има интеграција на природни и општествени науки.
Таа негира дека спојувањето на историја со другите предмети се должи на моменталниот спор со Бугарија и негирањето на бугарската страна на нашата историја.
– Исто, предметот по биологија и предметот по хемија се интегрираат во исто време кога се отвора дискусијата со бугарската страна. Прави некаква разлика? Зборуваме за интеграција на природни и општествени науки што се случува секаде во светот во развиените земји коишто постигнуваат огромни резултати кај своите ученици. Нашата идеја е да создадеме младина, граѓани, иднина којашто ќе може да ја движи оваа држава кон економски и социјален развој. Токму затоа образованието и промените коишто ги правиме се создадени врз основа на анализи коишто се претходно добро подготвени врз основа на одредени методологии коишто даваат точно каде се критичните точки. А критичните точки се дека нашите деца учат многу предмети, но само фактографски без да поврзуваат, истакна Царовска.
Таа потенцира дека е потребен концепт на преминување од фактичко учење кон размислување или училиште во коешто ќе се учи најзначајното.
– Тоа се новите генерации коишто треба да учат помалку факти, но многу повеќе да размислуваат, да анализираат различна литература и да донесуваат одлуки врз основа на анализите коишто самостојно ги направиле, вели министерката.
Царовска потенцира дека концепцијата за основно образование е развојна. Таа се базира на домашни и меѓународни истражувања, но исто така и на анализа на постојни светски добро поставени концепции за основно образование коишто даваат одлични резултати кај учениците.
– И ваквиот интегриран пристап на наставни предмети во еден, како главно носечки, и правото на изборни предмети и воннаставни содржини е секаде во светот, во развиените земји, поставен како таков. Зошто? Затоа што кажав дека на тој начин ги учи учениците да не помнат само факти, туку ги учи да учат и критички да размислуваат за одредена тема. Исто така даваме можност учениците да го постигнат својот личен потенцијал од најмала возраст. И секако, училиштето треба да не учи на вредности коишто во изминатиот период и не така баш беа воспоставени во системите за образование, рече Царовска.
Таа апелира професорите, учениците и наставници да ги следат промените.
– Ќе има јавна презентација. Сега сме во дискусија со засегнатите страни и процесот ќе биде транспарентен, рече Царовска.