Со новата концепција за основно образование за прв пат се воспоставуваат национални стандарди со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат учениците во текот на деветтолетката. Досега целото образование беше содржински насочено, а за прв пат се воспоставува образование коешто ќе гледа резултати од учење, што е меѓународен стандард, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Нашите национални стандарди се изготвуваат врз основа на рамката што ја дава ОЕЦД. Министерката Царовска објасни дека националните стандарди се однесуваат на осум подрачја околу кои се групирани компетенциите, и тие се јазична писменост; користење други јазици; математика, природни науки и технологија; дигитална писменост; личен и социјален развој; демократска култура и граѓанство; претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура.
-Ова се осумте национални стандарди коишто секое дете ќе треба да ги има во моментот кога ќе излезе од деветтолетка, рече Царовска во синоќешното интервју за Сител.
Создаваме групирање на основни предмети за да може секој ученик да ги постигне како компетенции, објасни министерката. Но, секој ученик, за да може да го постигне својот основен потенцијал, бира два изборни предмети во текот на годината, по еден во полугодие. Изборните предмети се од четири поглавја: дополнувања на знаења од основните предмети, други вештини како градинарство, готвење, техничко образование, потоа спортски активности и поглавје за личен развој.
-За прв пат и како стандард се воведува личен развој. Зошто? Затоа што воспитанието беше многу запуштено. Сега го враќаме назад. Со изборниот предмет ученикот го надополнува образованието и учествува во креирање на својот образовен план во деветтолетка, рече Царовска.
Учениците ќе бидат минимум шест часа во училиште, за да може покрај часовите по основните предмети да имаат и дополнителни активности.