Општина Аеродром донесе одлука за поставување на споменикот на Андон Јанев – Ќосето во населбата Ново Лисиче, со поддршка на советниците на ВМРО ДПМНЕ и на Левица, како и на советник од СДСМ, објавува Макфакс.

– Имајќи предвид дека станува збор за одлука која сега е во надлежност на Собранието, по целосното комплетирање, иницијативата која е усвоена од страна на членовите на советот на општина Аеродром, наскоро ќе биде доставена Собранието. Крајната одлука за евентуално преземање на споменатиот споменик и понатамошно негово поставување во општина Аеродром ќе ја има оваа државна институција. Со оглед на фактот дека Советот на Општина Аеродром, како и Собранието се претставнички органи на граѓаните, каде членовите се избрани не непосредни избори со гласање, Општина Аеродром има обврска да ги почитува одлуките донесена од страна на двата државни органи, соопштија од општината.

Како што е веќе објавено, споменикот на Ќосето, по доаѓањето на власт на СДСМ, беше урнат од поранешниот градоначалник Петре Шилегов од пред комплексот судови во Скопје. А иницијативата на сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за негово враќање на старото место беше одбиена од актуелниот градоначалник на Општина Центар, исто така од редовите на СДСМ, со образложение дека Ќосето не е личност од историјата со значење за оваа скопска оштина.