Повеќе од 10.000 американски морнари, војници и пилоти, со десетина воени бродови и десетици авиони, извршуваат мисија за блокирање на бродовите што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа во Заливот, објави вечерва Централната команда на американската армија (CentCom) на социјалната мрежа Икс.
„Во првите 24 часа, ниту еден брод не ја прекршил блокадата на САД, а шест трговски бродови ги исполниле упатствата на американските сили со враќање назад во иранското пристаниште во Оманскиот Залив“, соопшти CentCom.
Најмалку два брода од Иран вчера поминаа низ Ормуската Теснина во и покрај блокадата, наведува компанијата за поморски податоци Kpler.
„Блокадата се применува непристрасно против бродови од сите нации, што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежните области, вклучувајќи ги сите ирански пристаништа во Персискиот Залив и Оманскиот Залив“, додаде американската војска.
Купер: Блокадата на иранските пристаништа е целосно спроведена, трговијата е запрена
Американската војска соопшти дека успешно спроведе поморска блокада против Иран, со што се запира поморската трговија кон и од земјата.
„Блокадата на иранските пристаништа е целосно спроведена“, изјави Бред Купер, командант на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), во објава на „X“ доцна синоќа.
Американските сили ја одржаа поморската доминација на Блискиот Исток и, за помалку од 36 часа од почетокот на блокадата, ја доведоа поморската трговија со Иран во целосен застој, рече Купер.
Во посебна објава, ЦЕНТКОМ соопшти дека во операцијата биле вклучени разорувачи со водени ракети на морнарицата.
„Блокадата се спроведува непристрасно против бродовите на сите нации што влегуваат или излегуваат од крајбрежните области или пристаништа во Иран“, додаде таа.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја објави блокадата на Ормуската Теснина по неуспешните разговори во Исламабад меѓу Вашингтон и Техеран за време на викендот. Целта е да се спречи Иран да црпи приход од наплата на такси за премин низ теснината и да се намалат приходите од нафта.
фото: архива




