Одбележувањето на 140-годишнината од Албанската призренска лига почна денес со поставување на камен-темелник на статуа на лидерите на Лигата.
Настанот е во организација на премиерот на Косово, кој заедно со владите на Албанија и на Македонија, во рамки на програмата за одбележување на годината на Ѓорѓи Кастриот Скендерберг, му оддадоа почит на „смелиот албански национален херој“, објавија медиуми во Албанија.
„Призренската лига беше конфронтирана со молк од големите сили во однос на албанското прашање. Лигата имаше краток век, но нејзините акции ќе продолжат и понатаму да живеат. Незаборавно е делото на основачите на Лигата“, рече претседателот на Албанија, Илир Мета.
Албаниан дејли њуз објавува дека освен Мета, на церемонијата во Призрен биле премиерот на Косово Рамуш Харадинај, градоначалникот на Призрен, повеќе министри, но не кажува кој ја претставувал македонската влада.
Во основа на Призренската лига е обединување на вилаетите каде живееле Албанци, односно создавње великоалбанска држава.
Едно истражување од Галуп од 2015 година покажало дека 75 проценти од испитаниците на Косово и 70 проценти во Албанија ја поддржуваат идеата за голема Албанија.
Како и да е политичката и бизнис елита не го користат терминот „голема Албанија“, туку зборуваат за „албанско прашање“, односно за ослободување на сите територии каде живеат Албанци.