Најголемиот ризик за единството и кредибилитетот на НАТО не е повремено навлегување на руски ракети во воздушниот простор на земјите членки, туку сценарио во кое Русија со неколку стотици војници би окупирала, макар и привремено, мала територија, на пример естонскиот град Нарва, изјави чешкиот претседател Петр Павел.
Во интервју за чешкиот портал „Новинки.цз“, Павел предупреди дека таков ограничен воен упад би ги ставил западните сојузници пред сериозна дилема дали да го активираат членот 5 од договорот на НАТО за колективна одбрана против нуклеарна сила.
– Кога ја презедов функцијата шеф на Воениот комитет на НАТО, им зборував на колегите и претставниците на земјите членки дека најмногу не се плашам од руска воена агресија против НАТО, туку токму од операција ограничена во време и простор, на пример, окупација на територијата на градот Нарва во Естонија – рече Павел.
Тоа, според него, би било особено чувствително бидејќи во Нарва живее и руско малцинство.
– Тоа е сценарио што би ѝ овозможило на Русија да тестира дали функционира нашето единство, дали важи членот 5 и дали сме подготвени да го исполниме она што го декларираме, односно дека ќе го браниме секој сантиметар од нашата територија – истакна чешкиот претседател.
Павел оцени дека НАТО во таква ситуација би морал да реагира, бидејќи во спротивно целиот систем на колективна одбрана, граден со децении, би ја изгубил смислата и би се урнал „како кула од карти“.
Тој предупреди дека по бројните упади на руски дронови и ракети во воздушниот простор на источните членки на НАТО, се намалува и претходната воздржаност во однос на подготвеноста за нивно соборување.
– Пред само неколку години за повеќето европски лидери беше незамисливо дека навлегување во воздушниот простор може да се реши со соборување на оној што навлегол. Денес поголемиот дел од европските лидери воопшто не се сомневаат дека тоа е неопходно – рече Павел.
Според него, западните сојузници мора повеќе да се водат од инстинктот за самоодржување, наместо да бидат воздржани од страв дека би можеле да го ескалираат конфликтот со Русија.
– Ако Русија повторува такви напади, не го прави тоа ненамерно или како техничка грешка, туку сосема промислено, со намера да ја дестабилизира ситуацијата, да го тестира нашиот одбранбен систем и нашата волја да реагираме. Истовремено ни става до знаење дека, ако посака, може да погоди и нешто друго, а не само да се урне некаде на поле – изјави Павел.
Чешкиот претседател додаде дека доколку НАТО на сличен начин ја тестира Русија, официјална Москва веднаш би реагирала со сила и би го третирала таквиот упад, каков што самата го прави, како ескалација.
Павел и претходно, во врска со сè почестото нарушување на воздушниот простор на Полска и другите членки на НАТО на источното крило, во неколку наврати изјави дека Алијансата треба да биде подготвена во одреден момент да собори не само руска ракета или дрон, туку и воен авион.




