Светот се приближува кон нуклеарна војна поради воените подготовки на членките на НАТО во близина на руските граници и нивното наводно учество во напади врз руски цивилни бродови во Балтичкото Море, предупреди високиот руски дипломат Дмитриј Полјански, постојан претставник на Русија во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Полјански ги изнесе обвинувањата во Виена, во период кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја намали воената агресија во Европа, објави „Њузвик“.
Рускиот дипломат како пример ги посочи воените вежби во близина на руските граници, меѓу кои и вежбата „Фридом шилд 2026“, тврдејќи дека тие се дел од подготовките за заземање на руската енклава Калининград, која се наоѓа меѓу Полска и Литванија.
Според Полјански, западното воено планирање вклучува распоредување војници во Украина, блокада на Калининград и закани кон Белорусија, близок сојузник на Москва.
– Со други зборови, се вежба директен пат кон нуклеарна војна со Русија. Сè повеќе се приближуваме до тоа и поради директната вмешаност на одредени земји од НАТО во терористички напади врз руски цивилни бродови во Балтичкото Море, изјави Полјански, пренесе руската државна агенција ТАСС.
Литванската војска соопшти дека воените вежби, предводени од Германија и планирани да траат до 3 декември, имаат цел да ја подобрат борбената подготвеност, оперативното планирање и соработката меѓу сојузниците. НАТО постојано нагласува дека Алијансата има исклучиво одбранбен карактер.
Предупредувањето на рускиот дипломат доаѓа по нападот со украински дрон врз рускиот товарен брод „Спарта II“ во Финскиот Залив минатата сабота. По нападот, бродот се нашол во финските територијални води.
Сопственик на бродот е компанијата „Оборонлогистика“, која обезбедува логистички услуги за руското Министерство за одбрана. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот потврди дека Киев стои зад нападот, додека Норвешка, која ја поддржува Украина, повика на претпазливост при ваквите операции.
Тензиите меѓу Русија и НАТО дополнително се зголемија по минатонеделниот пад на три руски ракети на територијата на Полска. Според членот 5 од Северноатлантскиот договор, оружен напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз сите членки, што отвора можност за проширување на конфликтот во Украина.
Предупредувањето на Полјански следуваше еден ден по изјавата на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп и негов пратеник за ставање крај конфликтот во Украина, дека Путин покажал воздржаност бидејќи не употребил нуклеарно оружје против КИев.
Во интервју за подкастот „MD Meets“, Кушнер рече дека рускиот претседател на американските преговарачи им гарантирал дека нема намера да употреби нуклеарно оружје.
– Путин досега покажа воздржаност. Тој се согласи дека нема да употреби нуклеарно оружје, што очигледно е голема работа, и нè увери дека тоа не му е намера, изјави Кушнер.
Неговите изјави наидоа на критики од поранешниот американски амбасадор во Русија, Мајкл Мекфол, кој оцени дека Путин ја пропуштил можноста Русија да стане голема сила преку мирна интеграција во Европа.
Републиканскиот сенатор Џон Корнин, исто така, ги критикуваше изјавите на Кушнер, оценувајќи го како запрепастувачко неговото тврдење дека мировните преговори не се прашање на праведност.
Трамп во четвртокот објави дека за време на неодамнешните разговори во Кина извршил притисок врз Путин да ја намали руската воена агресија.
На социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека сака Путин „да ја повлече целата воена агресија од териториите низ Европа“, изразувајќи надеж за брз договор меѓу Москва и Киев. Војната ја опиша како „целосно крвопролевање“, но додаде дека верува оти договор е можен.
Рускиот претседател Владимир Путин во ноември 2024 година ја промени руската нуклеарна доктрина, проширувајќи ги околностите под кои Москва може да размислува за употреба на нуклеарно оружје. Новите одредби ја вклучуваат и можноста за нуклеарен одговор на конвенционална агресија поддржана од нуклеарна сила.
Русија и САД располагаат со двата најголеми нуклеарни арсенала во светот. Договорот Нов СТАРТ, со кој се ограничуваше бројот на нивното распоредено стратешко нуклеарно оружје, истече во февруари годинава.




